ТОА ШТО ГО ПРАВИ МАСК Е ОДВРАТНО Шолц остро го осуди милијардерот за неговиот однос кон историјата на Евреите

Јас сум гневен што Илон Маск се вмешува во корист на крајната десница и што Илон Маск, исто така, не реагира адекватно на убиствата на толку многу Евреи и на други луѓе во Европа, извршени од Германците во минатото, изјави германскиот канцелар, Олаф Шолц, и додаде дека Германија „ќе ја носи историската одговорност за тоа и во иднина“.

809

Германскиот канцелар, Олаф Шолц, во изјава за Си-Ен-Ен, синоќа го искритикува американскиот милијардер Илон Маск, oсновач на компанијата „Тесла“, велејќи дека тоа што тој го прави е „навистина одвратно“.

– Јас сум гневен што Илон Маск се вмешува во корист на крајната десница и што Илон Маск, исто така, не реагира адекватно на убиствата на толку многу Евреи и на други луѓе во Европа, извршени од Германците во минатото – изјави Шолц и додаде дека Германија „ќе ја носи историската одговорност за тоа и во иднина“.






Маск e еден од најбогатите луѓе во светот и близок сојузник на конзервативниот американски претседател, Доналд Трамп. Во изминатиов период тој сè повеќе се асоцира со екстремната десница и веќе неколку недели активно ја поддржува крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (AфД), а во пресрет на предвремените избори на 23 февруари.

– Ако го читате печатот во Германија ќе видите дека има многу милијардери кои исто така (како и Маск) се мешаат во политиката. Тоа не е ново. Ново е тоа што тој се вмешува во корист на десничарските политичари низ цела Европа. И тоа е навистина одвратно. И тоа не е добро за демократскиот развој во цела Европска Унија – изјави Шолц.

Маск, во видео настап на собир на AфД, викендов изјави дека Германците „треба да го напуштат чувството за историска вина“ поради Холкаустот и ова го кажа во пресрет на поменот во чест на милионите убиени во концентрацискиот логор Аушвиц.

На почетокот на месецов, Маск имаше разговор со лидерката на AфД, Алис Вајдел, и на својата социјална мрежа Икс изрази подршка за партијата додека за Шолц напиша дека е „некомпетентен глупак“.

 

Поврзани содржини