🎥 ТЕНЗИИТЕ ДО МАКСИМУМ – ИРАН ЛАНСИРА РАКЕТИ И ПОСТАВУВА УСЛОВИ „Не можеме повеќе да им веруваме на САД“

Во двата наврати кога влегувавме во дијалог со САД, паралелно се случуваа воени агресии врз Иран. Таквото однесување е како забивање нож во грб - рече иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

1

Иран повторно ја заостри реториката и ја покажа својата воена сила, откако се појавија снимки на кои се гледа лансирање на балистички проектили од отворена и незаштитена локација. Според иранската Револуционерна гарда, операцијата поминала без инциденти, и покрај зголемените тензии и стравувањата од можен одговор од противничките сили.

Мохсен Резаи, поранешен командант на Корпусот, а денес член на иранскиот Совет за разумност, порача дека Иран „нема со никого да преговара за нуклеарното прашање“ и дека „контролата над Ормускиот Теснец мора да остане во ирански раце“.

– Ако контролата и управувањето со Ормускиот Теснец излезат од рацете на Иран, непријателот повторно ќе го искористи тоа како оружје против нашата земја и народ – предупреди Резаи.

Иранците предупредуваат дека секој обид за надворешно влијание врз ова стратешко подрачје ќе биде сфатен како директна закана за националната безбедност.

Иран повеќе не може да им верува на САД

Во исто време, иранското раководство ја засилува критиката кон САД, обвинувајќи ги дека дипломатијата ја заменуваат со притисоци, санкции и воени закани. Техеран тврди дека ваквиот пристап ја урива довербата и го отежнува секој обид за политичко решение.

– Во двата наврати кога влегувавме во дијалог со САД, паралелно се случуваа воени агресии врз Иран. Таквото однесување е како забивање нож во грб – рече иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во разговор со францускиот претседател Емануел Макрон.

Како што пренесува Ал Џезира, Пезешкијан порача дека „Техеран поради таквото однесување повеќе не може да им верува на САД“.

Листа на ирански предуслови

Ситуацијата дополнително се комплицира со тековните дипломатски контакти меѓу Иран и посредници, каде што се разгледуваат предлози поврзани со нуклеарната програма и регионалната безбедност. Иако постојат најави за можни рамки на договор, од Иран доаѓа став дека без укинување на санкциите и јасни гаранции, сериозни преговори нема да има.

Како предуслов за понатамошни разговори бараат директни гаранции од Советот за безбедност на ОН, укинување на санкциите и повторно отворање на Ормускиот Теснец. Само доколку тие услови бидат исполнети, иранската страна во втората фаза е подготвена да разговара и за нуклеарната програма.

Трамп предвидува дека војната ќе заврши брзо

Претседателот на САД, Доналд Трамп, предвиде дека војната во Иран ќе „заврши брзо“ и рече дека повеќето луѓе ја „разбираат“ неговата цел да ги запре нуклеарните амбиции на Техеран.

Белата куќа верува дека е блиску до меморандум за разбирање од 14 точки со Иран, кој би можел да постави рамка за подетални нуклеарни преговори.

Се очекува Иран денес преку пакистански посредници да го предаде својот одговор на американскиот предлог, за кој не е поставен официјален рок. Дека одговорот ќе биде испратен до Американците потврди и пратеник во иранскиот парламент и поранешен министер за надворешни работи.

Теснецот под строга иранска контрола

Во меѓувреме, меѓународната заедница со загриженост ја следи ситуацијата, бидејќи секое дополнително заострување во регионот на Персискиот Залив може да има пошироки последици врз глобалната безбедност и енергетските текови.

Во Ормускиот Теснец, Иран во меѓувреме воспостави ново тело под назив „Управа за теснецот на Персискиот Залив“. Според нивните наводи, поморскиот режим во теснецот е изменет и секој брод што минува низ него мора да воспостави комуникација со иранските власти.

Поврзани содржини