СВЕКРВА ЈА ИЗВЛЕКЛА СНААТА ОД ВОЗИЛО И ЈА ТУРНАЛА НА ЗЕМЈА Полицијата интервенирала во шест случаи за само 24 часаслучаи
Едно лице е уапсено во Тетово, жена завршила со тешки повреди, малолетничка пријавила долгогодишно малтретирање, а полицијата постапувала по вкупно шест случаи на семејно насилство во последните 24 часа.
Во последното деноноќие полицијата евидентирала шест случаи на семејно насилство низ земјава, при што едно лице е лишено од слобода, а во неколку од случаите жртви биле жени, малолетно девојче и повозрасен маж.
Најсериозниот случај завршил со апсење во Тетово.
На 12 јуни во 20:30 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Тетово го лишиле од слобода Б.А. (37) од Тетово, постапувајќи по пријава од неговата поранешна 40-годишна партнерка од тетовско.
Според пријавеното, по прекинувањето на нивната врска во април годинава, тој континуирано ја следел низ градот и телефонски ја вознемирувал од различни броеви. Откако таа одбила да ја обнови врската, почнал да ѝ упатува закани не само нејзе, туку и на членовите на нејзиното семејство.
Во Скопје, 28-годишна жена пријавила дека околу 09:50 часот на подрачјето на Центар, нејзината 56-годишна свекрва С.О. го оштетила нивното возило „Пежо Боксер“, а потоа со употреба на физичка сила ја извлекла од автомобилот и ја турнала на земја. Жената се здобила со тешка телесна повреда, констатирана во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“.
Полицијата извршила службен разговор и со Ѓ.А.К. (53) и А.А.Р. (56), откако било пријавено дека на 10 јуни околу 23 часот во семеен дом на Бит Пазар физички ја нападнале својата 16-годишна ќерка и внука. Според пријавата, малолетничката и претходно била физички и психички малтретирана од нејзината мајка, но случаите досега не биле пријавувани.
Во друг случај, 37-годишен скопјанец пријавил дека неговата тетка А.Н. му упатувала закани пред станот на Бит Пазар и се обидела насилно да влезе во домот. Кога не успеала, истурила боја пред влезната врата. За случајот е известен јавен обвинител.
Триесет и четиригодишна жена од скопско пријавила дека околу 19 часот била физички нападната од нејзиниот сопруг С.Ш., иако веќе подолг период не живеат заедно.
Последниот случај бил пријавен од 71-годишен маж, кој информирал дека поради нерасчистени имотно-правни односи бил физички нападнат од својот 42-годишен внук С.О. на подрачјето на Кисела Вода.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи и дека по нивното документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави против сторителите.