СВАДБА НА ТЕЈЛОР СВИФТ ВО НАЈАВА, OРОТО НА МЕНХЕТЕН? Илјада гости би можеле да го запоседнат срцето на Њујорк
Барање за затворање на улиците околу Медисон Сквер Гарден и настан за околу 1.000 гости ги разгореа шпекулациите дека Тејлор Свифт и Тревис Келс наскоро ќе ја крунисаат својата љубов. Засега нема официјална потврда дека свадбата навистина ќе се одржи.
Њујорк би можел да биде домаќин на една од најгламурозните свадби во последните години.
Американските медиуми објавија дека до градските власти било поднесено барање за затворање на улиците околу Медисон Сквер Гарден од 2 до 4 јули, поради голем настан закажан за 3 јули.
Токму тоа ги поттикна гласините дека светската музичка ѕвезда Тејлор Свифт и играчот на американски фудбал Тревис Келс се подготвуваат да стапат во брак.
Според информациите на „Њујорк тајмс“, планот предвидува интимен собир на 2 јули со околу 100 гости, а ден подоцна и голема прослава со околу 1.000 присутни.
Дополнителни сомнежи предизвика и информацијата дека неколку членови од блискиот круг на Келс резервирале соби во хотелот „Мериот Маркиз“ на Тајмс Сквер токму во тој период.
Шатор пред легендарната арена
Компанијата „Виник Продакшнс“, која наводно стои зад организацијата на настанот, уште на почетокот на месецот поднела барање за поставување голем шатор пред Медисон Сквер Гарден.
Според документите, во шаторот би можеле да бидат сместени меѓу 500 и 999 гости.
Во исто време, извори за американските медиуми тврдат дека на прославата се планирани и настапи на сцената.
Токму тие детали дополнително ја подгреаја приказната за можна свадба на една од најпознатите двојки во светот.
Засега нема официјална потврда
И покрај бројните шпекулации, засега нема официјална потврда дека свадбата навистина ќе се случи на почетокот на јули.
„Ројтерс“ објави дека не успеал независно да потврди дека станува збор за свадбена церемонија.
Претставниците на Тејлор Свифт, Медисон Сквер Гарден и организациската компанија не одговориле на барањата за коментар.
Сепак, интересот дополнително порасна откако градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, минатата недела индиректно навести дека голем настан поврзан со поп-ѕвездата би можел наскоро да се случи во градот.
Свифт и Келс ја објавија свршувачката во август минатата година, но досега не открија каде и кога планираат да го кажат судбоносното „да“.