СТУДЕНТИТЕ ЌЕ ПАТУВААТ БЕСПЛАТНО СО ДИГИТАЛНА КАРТИЧКА Нема повеќе хартиени потврди и заверки на билетарници
Студентите на државните универзитети во Скопје ќе можат да го користат бесплатниот јавен превоз преку „SkopjeBus“, со дигитална картичка и QR-код, без хартиени потврди и заверка на билетарница.
Студентите на државните универзитети во Скопје наскоро ќе можат да го користат бесплатниот јавен превоз со дигитална студентска превозна картичка, без да носат хартиени потврди и без да одат на билетарница за заверка на студентскиот статус.
Новата картичка ја воведува ЈСП Скопје со поддршка од Град Скопје и во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а ќе важи и за студентите на Универзитетот „Мајка Тереза“.
Целиот процес ќе се одвива дигитално. ЈСП Скопје и универзитетите автоматски ќе ги синхронизираат податоците за студентите, па нема да има потреба од дополнително доставување документи за потврдување на статусот.
Студентите ќе добијат инструкции на своите е-mail адреси, по што преку мобилната апликација „SkopjeBus“ ќе можат да ја активираат и користат дигиталната картичка.
При најавувањето во апликацијата, студентите треба да ја користат истата е-mail адреса со која се регистрирале на универзитетот.
Откако ќе биде активирана, картичката ќе биде достапна во апликацијата со QR-код. Кодот ќе се користи за валидација при патување во јавниот превоз.
Од ЈСП посочуваат дека студентите дополнително и навремено ќе бидат информирани за начинот на активирање и користење на дигиталната картичка.