СПЕКТАКУЛАРНО ИЗГРЕЈСОНЦЕ НА КОКИНО Министерот Љутков и бројни гости ја посетија древната опсерваторија
Локалитетот Кокино, стар околу четири милениуми, е едно од најзначајните археолошки и археоастрономски наоѓалишта во Македонија.
Утринава, на денот на летната долгодневица, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, присуствуваше на археолошкиот локалитет Кокино, каде што го следеше изгрејсонцето – астрономски настан што со векови го привлекува вниманието на научниците, истражувачите и посетителите, соопшти Министерствот за култура и туризам.
На настанот, организиран од Музејот во Куманово присуствуваа и директорката на Музејот во Куманово, Марија Живачки, градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Мирослав Славковски, археологот Дејан Георгиевски, пратеникот Бране Петрушевски, директорот на Национален конзерваторски центар, Александар Јорданоски и бројни гости и посетители.
Локалитетот Кокино, стар околу четири милениуми, е едно од најзначајните археолошки и археоастрономски наоѓалишта во Македонија. Токму овде древните жители внимателно ги следеле движењата на Сонцето и небесните тела, оставајќи сведоштва за нивното извонредно познавање на природните циклуси и нивната улога во секојдневниот живот и духовната култура.
Особено впечатлив е феноменот на летната долгодневица, кога од точно определена точка на локалитетот може да се набљудува изгрејсонцето низ специфичен карпест процеп, што претставува една од најпрепознатливите особености на Кокино. Токму оваа уникатна поврзаност на природата, науката и културното наследство му дава исклучителна вредност на локалитетот.
Посетата е дел од активностите на Министерството за култура и туризам насочени кон афирмација и промоција на културното наследство, како и кон подготовките за одбележување на значајниот јубилеј – 25 години од откривањето на Кокино, кој ќе биде одбележан во 2026 година со повеќе научни, културни и промотивни настани.
Министерството за култура и туризам останува посветено на зачувувањето, валоризацијата и промоцијата на културното наследство како темелна вредност на националниот идентитет и значаен потенцијал за развој на културниот туризам.
