ПОЧНА ВЛАДИНАТА РОКАДА Собранието разреши 8 министри, во тек е расправата за новиот тим

Собранието на денешната седница ги изгласа разрешувањата на предлог на премиерот Христијан Мицкоски. Во тек е расправата за избор на новите членови на Владата.

0

Собранието денеска на 112. седница, на предлог на премиерот Христијан Мицкоски во рамки на реконструкцијата на Владата ги разреши министрите за правда Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците Игор Стоиљковиќ, за здравство Азир Алиу, за туризам и култура Зоран Љутков, за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, за локална самоуправа Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор.

Разрешени се и замениците министри за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и за култура и туризам Седат Сулејмани.






– Од првиот ден, кога ја презедовме одговорноста, кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Нема да биде Влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес, покажуваме дека тој принцип важи педнакво за сите – порача премиерот Христијан Мицкоски, образложувајќи го предлогот за разрешување членови на Владата.

Функцијата, посочи, не била и никогаш нема да биде цел сама по себе, таа е средство преку кое му се служи на народот – порача

Денес, нагласи, не се збогуваме со луѓе што не работеле, туку, напротив, со луѓе што во разни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба.

Според него, на реконструкцијата на Владата не треба да се гледа како на крај на нечија работа. Заблагодарувајќи им се на членовите на Владата, кои, како што рече, во изминатиот период чесно, одговорно и посветено ги извршуваа функциите, потенцира – „со искрена благодарност за нивната работа ја отвораме следната етапа, не затоа што го негираме сработеното, туку затоа што сакаме врз она што е направено да изградиме уште повеќе“.

Во текот на расправата опозицијата оцени дека реконструкцијата е политичка, а не кадровска и е увертира за предвремени избори.

Пратеникот Борислав Крмов од Левица, говорејќи по првата точка на пленарната седница посветена на разрешувањето на министрите, праша зошто се менува министерот за земјоделство, ако работел добро.

– Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за тоа какви резултати постигнал, како вовел ред во хаосот, колку било сега подобро во земјоделието од порано и слично. Прашањето е, ако е така, зошто сега го менуваме? ​Зборуваме за министер кој го донесе македонското земјоделие во колапс, којшто сега им должи околу 70 милиони евра неисплатени субвенции, 40 милиони евра субвенции скратени за 2026-та, којшто во моментот има криза за млекото, оризот, пченицата и јачменот…, рече Крмов.

Според него, Министерството за земјоделство се третира како еден вид жежок костен којшто се подава меѓу коалиционите партнери, иако тоа треба да биде еден од галвните сектори во државата бидејќи го третира производството на храна.

Од реконструкцијата, рече Крмов, најмногу ќе изгуби политичката партија ЗНАМ која го губи секторот правда, а ВЛЕН ќе излезат појаки затоа што добиваат ресор плус. Со давањето на секторот правда на ВЛЕН, според Крмов, се отвара можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик, а со тоа на долг рок правосудството ќе стане двојазично.

Политичка, а не кадровска реконструкција и увертира за предвремени избори, вака опозицијата ја оценува реконструкцијата на Владата за која се дебатира на денешната собраниска седница.

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ говореше за работата на досегашниот министер за култура Зоран Љутков за кого рече дека ќе остане запаметен како министер со најголем број тужби за неисплатени плати и непочитување на колективните договори. За неговиот двегодишен мандат рече дека нема ниту еден капитален проект.

– Од двете години пред него ги продолжи Љубојно, просториите на Националниот џез оркестар, Кино Партизан, Кино во Валандово, нови локални центри за култура. Имавме прва реставрација на икони во регионот којашто тој за жал не ја продолжи. Имавме пет нови национални установи и секоја од нив е со посебна традиција, со посебен придонес на којшто на секое негово јавно излегување му се заканува затворање. ​Најголемиот придонес од тие две години пред него е Новиот закон за употреба на македонски јазик. И може да релативизира дека тоа бил само посебен текст, како што кажа, ама не знае да го спроведе две години. И во тој закон имаше Инспекторат за македонски јазик на којшто откако му го намали статусот, никако да го профункционира. Имаме статус УНЕСКО којшто е под сериозна закана. Најважно од сè, имаше две години пред него целосно почитување на колективниот договор. Во тие две години пред него имаше заштитен македонски јазик, признаен меѓународно и испочитуван, вреднуван и најважно непреговаран, рече Костадиновска-Стојчевска.
​Пратеничката Велика Стојкова – Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ во репликата на говорот на Костадиновска-Стојчевска рече дека за две години се решени многу проблеми кои СДСМ ги има оставено.

– Ја започнавме работата со УНЕСКО за што имаме и конкретни резултати. Вие го закочивте проектот за Универзална сала, во ваше време се потпиша колективниот договор без анализа. Не може за две години да се решат проблемите кои вие ги натрупавте – рече Стојкова-Серафимовска.

На местото на Филков за министер за правда треба да биде изберан Јетон Шасивари („Вреди“). Стоилковиќ (коалиција ВМРО-ДПМНЕ) ќе ја преземе министерската функција во Локалната самоуправа, Златко Перински директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, каде што на чело е Сашо Клековски (ВМРО-ДПМНЕ), кој ќе биде нов министер за здравство на местото на Азир Алиу. За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати („Вреди“). На местото на Цветан Трипуновски ќе дојде Борче Серафимовски (ЗНАМ), а на местото Шабан Салиу, министер без ресор, е предложен Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ).

Во тек е расправата за избор на нови членови на Владата.

Поврзани содржини