СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА СЕ ОГРАДИ ОД РУБИН ЗЕМОН И ОД СДСМ ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ „Му се поклонувам на Великанот, кому му се поклонуваат државници од целиот свет“

247

Пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ се огради од изјавата на членот на Извршниот одбор на СДСМ Рубин Земон во која тој го оспори делото на Гоце Делчев.

„Како член на СДСМ и како почитувач на темелните вредности се оградувам од секоја помисла за доведување во прашање на значењето на Великанот и неговиот влог во слободата што ја живееме денес. Почитта кон Гоце Делчев не е прашање на дневна политика. Таа е прашање на достоинство, историска свест и одговорност кон генерациите што доаѓаат. Му се поклонувам на Великанот Гоце Делчев, кому му се поклонуваат државници од целиот свет“, напиша Петровска.

Во продолжение целата објава на Петровска од нејзиниот профил на Фејсбук:

„Гоце Делчев не е само историска личност од нашето минато, туку жива морална и национална вертикала врз која се темели македонската државотворна свест. Неговиот лик и неговото дело се длабоко вградени во колективната меморија на македонскиот народ, во нашата борба за слобода, правда и самобитност.

СДСМ е партија што својата идеолошка и политичка традиција ја гради врз темелите на АСНОМ, антифашистичката борба и непоколебливата определба за заштита на македонскиот идентитет, јазик и историска посебност. Тие вредности не смеат да бидат предмет на компромис, ниту пак со било какво дејствување да бидат доведени во прашање од позиции во рамки на партиските органи.

Верувам дека е време сите, со одговорност и зрелост, да се навратиме на суштината: кои се вредностите што ги застапуваме, кого претставуваме и каква политичка порака испраќаме кон граѓаните. Не е доволно само декларативно да се повикуваме на нашите историски корени, ако во пракса не покажуваме доследност кон нив.

Како член на СДСМ и како почитувач на темелните вредности се оградувам од секоја помисла за доведување во прашање на значењето на Великанот и неговиот влог во слободата што ја живееме денес.

Почитта кон Гоце Делчев не е прашање на дневна политика. Таа е прашање на достоинство, историска свест и одговорност кон генерациите што доаѓаат.

Му се поклонувам на Великанот Гоце Делчев, кому му се поклонуваат државници од целиот свет.

И повторно, загрижено ќе напишам: Ако не се промениме, ќе исчезнеме!“

Поврзани содржини