📽️ СКОПЈЕ ДОБИВА НОВИ БЕЛИ ДРОБОВИ Почнува со изградба мега-парк од 72.000 квадратни метри во Карпош 4
Според Ѓорѓиевски, мега-паркот Карпош ќе биде целосно хортикултурно уреден и збогатен со парк за миленици, детски катчиња, спортски центар, велосипедски полигон, урбана опрема и бројни содржини за посетители од сите генерации.
Град Скопје ќе добие нови бели дробови на местото на запуштениот мега-парк во Карпош, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, најавувајќи дека се работи за простор од 72.000 квадратни мерки кој бил, како што вели, оставен на негрижата на претходните власти.
„Она што со години беше симбол на негрижата, неработењето и неодговорноста на моите претходници, она што беше претворено во дива депонија и грда слика во срцето на Карпош, денес го претвораме во нешто сосема ново – огромен мега-парк на површина од 72.000 квадратни метри.
Јас нема да ги оставам граѓаните на милост и немилост на последиците од туѓата неажурност. Таму каде што други оставиле пустош, ние создаваме простор за живот. Таму каде што со години имало отпад и запуштеност, ќе никнат зеленило, содржини и нова енергија“, пишува градоначалникот.
Според Ѓорѓиевски, мега-паркот Карпош ќе биде целосно хортикултурно уреден и збогатен со парк за миленици, детски катчиња, спортски центар, велосипедски полигон, урбана опрема и бројни содржини за посетители од сите генерации.
„Ова ќе бидат новите бели дробови на Скопје. Место каде што децата ќе растат, семејствата ќе се собираат, младите ќе спортуваат, а илјадници граѓани ќе го поминуваат своето слободно време во чиста, уредена и зелена средина.
Од дива депонија до мега-парк. Од запуштен простор до нов симбол на Карпош. Од долгогодишна негрижа до конкретен резултат. Скопје ја живее новата ера. Скопје ја живее својата преродба. Нашиот град заслужува повеќе. Скопјани заслужуваат најдобро!“