КОАЛИЦИЈАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ПОРАСНА НА 59 ПРАТЕНИЦИ Демократската партија на Турците потпиша партнерство со „Твоја Македонија“
Турската заедница е нераскинлив дел од нашето општество, народ кој со својата работа, традиција и лојалност со децении придонесува за развојот на државата. Нашата соработка е доказ дека вистинските политики ги поврзуваат луѓето, а не ги разделуваат, и дека кога постои искрена намера да се работи за граѓаните, различностите стануваат наша предност, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски истакнувајќи дека така се гради силна држава.
Парламентарното мнозинство на коалицијата „Твоја Македонија“ се зголемува и брои 59 пратеници откако Демократската партија на Турците потпиша договор за политичко партнерство, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.
– Денес направивме уште еден значаен чекор во насока на зацврстување на парламентарното мнозинство и обезбедување политичка стабилност, како неопходен предуслов за продолжување на реформите, реализација на проектите и исполнување на обврските што ги презедовме пред граѓаните – изјави Мицкоски на свеченоста заедно со колеги од ДПТМ.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ вели дека со потпишување на Договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија се испраќа јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели.
Тој вели дека се работи за партнерство засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани.
– Посебно ми е драго што денес нашето политичко семејство станува побогато со Демократската партија на Турците на Македонија. Турската заедница е нераскинлив дел од нашето општество, народ кој со својата работа, традиција и лојалност со децении придонесува за развојот на државата. Нашата соработка е доказ дека вистинските политики ги поврзуваат луѓето, а не ги разделуваат, и дека кога постои искрена намера да се работи за граѓаните, различностите стануваат наша предност.
Мицкоски вели дека не е среќен што, во меѓувреме, опозицијата се наоѓа во лоша состојба бидеќи, како што вели, на државата и во интерес на демократија и на граѓаните е потребна, како што вели, силна, сериозна и конструктивна опозиција.

– Од друга страна, парламентарното мнозинство продолжува да се консолидира. Практично Демократската партија на Турците на Македонија од денеска е составен дел на коалицијата, како дел од внатрешната коалиција која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ во рамките на македонското собрание и со тоа веќе парламентарното мнозинство добива уште еден пратеник дополнително, а пратеничката група на коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот парламент ќе брои 59 пратеници.
Мицкоски истакнува дека за ВМРО-ДПМНЕ и за владејачката коалиција тоа не е причина за самозадоволство, ниту политичка привилегија.
– Напротив, тоа е уште поголема обврска и уште поголема должност кон граѓаните. Колку е поголема довербата што ја добиваме, толку е поголема и нашата одговорност да испорачаме резултати.
Според него, новото партенрство во коалицијата е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ е силна, стабилна и моќна политичка структура, која ја препознаваат сè повеќе граѓани и политички субјекти.
– Но, мојата амбиција никогаш не била ВМРО-ДПМНЕ само да победува на избори. Победите се важни, но тие не се крајната цел. Мојата цел е ВМРО-ДПМНЕ да биде политичка сила која обединува, која ги поврзува луѓето околу заеднички вредности, околу развојот на државата и економскиот напредок, владеењето на правото, подобриот живот за секој граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска и политичка припадност.
Мицкоски вели дека верува дека токму така се гради силна држава.
– Токму кога политиката не создава нови поделби, туку нови партнерства; кога не се бројат разликите, туку заедничките цели; и кога сите што искрено сакаат да допринесат за напредокот имаат место во заедничкиот пат кон подобра иднина.
Првиот човек на коалицијата и на владата вели дека коаицијата продолжува со работа посветено, одговорно и со уште поголема енергија.
– Граѓаните очекуваат резултати, а наша должност е секој ден да ја оправдуваме нивната доверба со работа, реформи и исполнети ветувања – заклучува Мицкоски.