ВОЗЕЛЕ БЕЗ ВОЗАЧКА, ПИЈАНИ И ПРЕБРЗИ Во еден ден приведени 13 несовесни возачи
Најголемиот дел од приведените управувале возила без положен возачки испит, а меѓу нив има и возачи кои биле под дејство на алкохол и возеле со екстремно голема брзина.
Во текот на изминатите 24 часа, полициски службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода 13 возачи поради безобѕирно управување со моторно возило, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од МВР информираат дека најголемиот дел од приведените, односно 10 лица, управувале возила без воопшто да имаат положен возачки испит.
„Четири лица се приведени во Скопје, три во Прилеп, а по едно лице во Тетово, Долнени и Градско. Дополнително, по едно лице во Охрид и Битола било затекнато како управува возило под дејство на алкохол, додека во гевгелискиот регион едно лице е лишено од слобода поради возење со брзина значително поголема од дозволената“, соопштија од МВР.
Од Министерството додаваат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави против приведените.
Воедно, МВР повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.