СКАНДАЛ ДО СКАНДАЛ СО „ТИТАНИК 2“ Основниот суд не смеел да го игнорира правото на Тачи да се жали, но зошто Апелација го прошетала предметот и до Вишото јавно обвинителство?

Откако вчера Апелациониот суд во соопштение до медиумите го обвини Основниот кривичен суд за непочитувањето на роковите за жалба и за збрката со овој предмет, Плусинфо дознава дека и Апелација направила голем пропуст, шетајќи го предметот до Вишото јавно обвинителство. Ќе одговара ли некој за ова скандалозно поведение?

2,178

Вчера јавноста беше сведок на уште еден преседан во македонското судство.

Видовме дека судовите си играле пинг-понг со предметот „Титаник 2“, препраќајќи го од Основниот кривичен суд во Скопје до Апелациониот суд во Скопје, па повторно од Апелација кон Основниот суд.






Не е прв пат еден предмет да патува нагоре и надолу низ судските инстанци, но овој пат е направен сериозен преседан. По предметот е постапувано надвор од сите законски норми, при што се направени суштински повреди.

Како во онаа народната за брзата кучка што раѓа слепи кучиња, овој пат „брзите кучки“ во двата суда родиле ептен „слепи кучиња“.

Како е можно судија да не знае за рокот за жалба?!

Некој од Кривичниот суд во Скопје одлучил дека еден од обвинетите во овој предмет не заслужува да го добие законски предвидениот рок за жалба на пресудата, па спротивно на законот и на секаква здраворазумска логика, го испратил предметот на постапување во скопска Апелација.

Во главата 26 од Законот за кривична постапка, која ги регулира редовните правни лекови и можноста за жалба на првостепена пресуда, Член 410 вели: „Против пресудата донесена во прв степен овластените лица можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот од пресудата. Навремено изјавената жалба од овластеното лице го одлага извршувањето на пресудата“.

Ова би требало да го знае секој просечен студент по право, а не пак судија. И што се случило?

„Последната достава на првостепената пресуда е со прием од обвинет на 2 март 2023 година, што значи дека рокот за поднесување жалба почнал да тече на 3 март 2023 година и рокот во кој обвинетиот може да го искористи правото на жалба истекува на 17 март 2023 година. Првостепениот суд не го чекал рокот од 15 дена за евентуално изјавена жалба и пред истекот на тој рок го доставил предметот со списите на постапување и одлучување во Апелациониот суд Скопје. Од наведените причини, предметот административно му е вратен на првостепениот суд, за тој да постапи и по истекот на законските рокови за изјавување жалба, односно одговор на жалба, предметот со сите списи да се достави до Апелациониот суд Скопје на одлучување во жалбена постапка“, соопштија вчера од Апелација.

Брзи кучки имало и во Апелација

За жал, иако однесувањето на Основниот кривичен суд во Скопје е скандалозно, Плусинфо од свои извори дознава дека целата одговорност за ова флагрантното кршење на законот не е само во ово суд.

Нашите извори велат дека лидерот на ДПА Мендух Тачи е обвинетиот кој последен ја примил пресудата, чие право на жалба било игнорирано. Тие нѐ информираат дека одредени фактори во Основниот суд процениле дека може да се направи акробација со предметот, така што тој ќе се испрати без жалбата на Тачи, па доколку тој решел да го искорист законското право да се жали, поднесокот да биде испратен подоцна. Овие фактори му извршиле притисок на судечкиот судија, кој ја голтнал приказната дека сѐ било договорено и со Апелација.

Нашите извори тврдат дека кога предметот стигнал во Апелација, дел од судиите во советот реагирале на фактот што тој бил некомплетен, но судијата Тања Милева одлучила да постапи по него и да го проследи на постапување до Вишото Јавно обвинителство.

Откако самоиницијативно одлучила да преземе ваков чекор, останатите ја предупредиле дека не сакаат да учествуваат во незаконски активности и според нашите информации, ѝ укажале на судијката дека станува збор за тешка повреда поради која може да бидат разрешени од страна Судскиот совет.

Тогаш Милева ја фатило паника и според информациите до кои дојдовме, таа почнала да се јавува во Вишото обвинителство и да врши притисоци за да ѝ се врати предметот што побрзо. Откако предметот бил вратен во Апелација, истиот експресно се враќа во Основниот суд, со образложението коешто вчера беше испратено до медиумите.

А ќе има ли одговорност?

Студент по право од прва година знае дека правораздавањето подразбира процедури. Процедурите подразбираат рокови, еднаквост на орудијата и правни лекови. Правото на жалба е едно од основните права и зачудувачки е како тоа право не било испочитувано од нашите судови.

Апелација вчера не објасни зошто и како предметот е испратен во Вишото обвинителство. Дали некој направил пропуст и не ги погледнал списите или имало намера, бидејќи „така било договорено”? Кој е одговорниот за овие пропусти, кои се недозволиви дури и за слушателите во Академијата за судии, а не за искусни второстепени судии.

Според информации на Плусинфо, за слични пропусти во минатото имало разрешувања, а неретко на судиите им се покренувале и кривични постапки.

Судскиот совет вчера молчеше, но скандалозниот преседан со предметот „Титаник 2“ мора да се расчисти за да не се повтори, а одговорните да добијат заслужена казна.

Инаку, во повторена постапка по предметот, Мендух Тачи и останатите обвинети беа осудени на казни затвор во времетраење од 2 години поради одлука за прегласување на едно избирачко место на локалните избори во Струмица.

Адвокатите на одбраната тогаш предвидоа дека предметот повторно ќе падне на Апелација, бидејќи не било испочитувано ниту едно од претходно дадените напатствија.

Повеќе за предметот „Титаник 2“:

ОБВИНИТЕЛСТВОТО НАПРАВИ ЦИРКУС ОД „ТИТАНИК 2“ Им беа потребни шест години за да сфатат дека гонат по погрешен член од Кривичниот законик!

Поврзани содржини