📽️ ШТО Е ИБОГЕИН? Сè за психоактивната дрога што синот на Синди Крафорд ја земал како третман пред смртта
Од ритуалите во Западна Африка до современите клиники во Мексико – истражувањата на ибогеинот покажуваат потенцијал за намалување на симптомите на апстиненција, но научниците предупредуваат на опасни нарушувања на срцевиот ритам.
Ибогеинoт е природно психоактивно соединение што се наоѓа во кората од коренот на грмушката ибога, која потекнува од Централна и Западна Африка, според Центарот за наука за психоделици при Универзитетот во Калифорнија, Беркли.
Со векови, племенските заедници го користеле ибогеинoт во религиозни, духовни и ритуали поврзани со лекување, при што се верувало дека предизвикува халуцинации и поттикнува чувство на поврзаност со предците и со другите луѓе.
Во Франција, супстанцијата повеќе од три децении се продавала како стимуланс и антидепресив, сè додека владата не ја забранила во 1960-тите години.
Приближно во истиот период, истражувачите почнале подетално да го проучуваат ибогеинoт поради неговиот потенцијал во борбата против зависностите, откако корисници на хероин во САД известувале дека им ја намалил желбата за дрога и ги ублажил симптомите на апстиненција.
Какви се ефектите од ибогеин?
Откако ќе се земе – најчесто во форма на капсула или како прав од коренот помешан со вода – ибогеинoт предизвикува долготрајни психоделични и дисоцијативни ефекти.
Во поголеми дози ибогеинoт предизвикува силни психоделични и дисоцијативни ефекти. Искуството може да трае многу долго: првично се јавуваат интензивни визуелни доживувања и состојба слична на сон, а потоа следува период на длабока интроспекција кој може да продолжи со часови, па и денови. Според податоците на Multidisciplinary Association for Psychedelic Studies, дејството може да започне во период од околу половина час до три часа, а најинтензивните ефекти траат значително подолго отколку кај повеќето други психоделици.
Кои се ризиците?
Иако генерално се смета дека ибогеинoт има низок ризик од создавање зависност, експертите предупредуваат дека може да биде опасен.
Меѓу несаканите ефекти може да се појават низок крвен притисок, напади, отежнато дишење, анксиозност и халуцинации.
Познато е и дека оваа супстанција може да предизвика неправилен срцев ритам, а во медицинската литература е поврзана со повеќе од 30 смртни случаи, според Мултидисциплинарната асоцијација за психоделични студии (MAPS).
– Овој лек мора да се зема во медицинска установа од страна на лица со соодветна обука, бидејќи во спротивно може да биде многу опасен и луѓето можат да починат – изјавил за CBS News д-р Ендрју Монте, медицински директор на Rocky Mountain Poison & Drug Safety.
– Ибогеинoт има огромен потенцијал, но во овој момент навистина не е доволно истражен.
Дали ибогеинoт е легален во САД?
Краткиот одговор е: не, пишува Њујорк Пост.
Во 1967 година, федералните власти го класифицирале ибогеинoт како супстанција од Распоред I, ставајќи го во истата категорија со хероинот и ЛСД.
Оваа класификација е наменета за дроги за кои владата смета дека немаат прифатена медицинска употреба и имаат висок потенцијал за злоупотреба.
Тоа е една од главните причини поради кои истражувањата на ибогеинoт со години биле многу ограничени, иако тоа можеби почнува да се менува.
Во април, американската Агенција за храна и лекови (FDA) го одобри првото клиничко испитување врз луѓе на дериват на ибогеин во САД, отворајќи можност психоделичната супстанција да се испитува како потенцијален третман за нарушување поврзано со употреба на алкохол.
Овој потег уследи само неколку дена откако претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се предвидува забрзување на истражувањата на психоделиците и проширување на пристапот до третмани за луѓето кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје.
Во рамките на поврзаните мерки, FDA додели и национални приоритетни ваучери на три компании кои развиваат психоделични третмани за големо депресивно нарушување и посттрауматско стресно нарушување, што се очекува да го забрза процесот на разгледување на нивните терапии.
По извршната наредба на Трамп, за ибогеинoт е издадено одобрение за истражување како нов лек, што овозможува негово испраќање до клинички истражувачи преку границите на сојузните држави за потребите на научни истражувања.
Федералните агенции, исто така, добиле насоки да ги прошират истражувањата, со обезбедување средства за клинички испитувања.
Првото клиничко испитување врз луѓе на ибогеинoт одобрено од FDA конкретно ќе го испитува норибогаин хидрохлоридот, дериват на ибогеин развиен од фармацевтската компанија DemeRx NB, како потенцијален третман за нарушување поврзано со употреба на алкохол.
Во САД, повеќе од 29 милиони луѓе се погодени од нарушување поврзано со употреба на алкохол, кое е една од водечките причини за смрт што може да се спречи во земјата.
Случајот со Присли Гербер повторно го отвори ова прашање во јавноста, но неговата смрт не треба да се користи како доказ дека ибогеинoт бил причината. Она што засега може да се каже е дека научниот интерес за оваа необична супстанција расте, додека истражувачите истовремено се обидуваат да одговорат на клучното прашање: дали може да се искористи нејзиниот потенцијал против зависностите, а притоа да се избегнат ризиците што можат да бидат опасни по живот.