ШТИПСКО УЧИЛИШТЕ ГИ ИСФРЛИ МОБИЛНИТЕ И НЕЗДРАВИТЕ ГРИЦКИ Наместо обоени сокови и чипс, учениците добиваат овошје

Во ООУ „Димитар Влахов“ учениците не смеат да носат чипс, смоки и обоени сокови, а телефоните остануваат надвор од наставата. Трипати неделно училиштето им обезебдува свежо овошје.

0

Мобилните телефони, чипсот, смоките и обоените сокови веќе една недела не се дел од училишниот ден на 930 ученици во ООУ „Димитар Влахов“ во Штип. Новите правила, договорени со родителите уште пред крајот на минатата учебна година, треба истовремено да го вратат вниманието кон наставата, непосредното дружење и поздравата исхрана.

Телефон можат да носат само мал број ученици на кои им е потребен за враќањето дома. И тогаш уредот мора да биде без интернет, исклучен и предаден на класниот раководител веднаш по доаѓањето на час.






Забраната не застанува кај екраните. Учениците не смеат да внесуваат чипс, смоки и обоени сокови, а трипати неделно училиштето им обезбедува свежо овошје.

Во соработка со пекари е направено и мени со јогурт, печива и други оброци. Од пијалаците се дозволени вода, млеко и домашни сокови.

– Целта е поздрава комуникација без електронски уреди, за да се намали зависноста од нив и да се поттикнат вистинското дружење и непосредната комуникација – вели директорот Дејан Здравков.

Одлуката ја поддржале Наставничкиот совет, Училишниот одбор и Советот на родители. Според Здравков, по една недела новите правила веќе даваат резултати.

Поврзани содржини