СЕ МЕНУВААТ РЕСОРИ И ПРИОРИТЕТИ Мицкоски откри кога ќе бидат познати новите министри
Премиерот вели дека промените не се прават само поради резултатите, туку и поради новите приоритети на коалициските партнери. Можно е реконструкцијата да биде поголема од една третина од владините функционери.
Во вторник следната недела Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седница по која ќе бидат познати кадровските решенија и распределбата на ресорите во рамки на најавената реконструкција на Владата, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Во гостување во „Отворено студио“ на Македонската телевизија, Мицкоски посочи дека реконструкцијата не се прави исклучиво врз основа на постигнатите резултати, туку и поради променетите приоритети на владините коалициски партнери.
– Не се битни само резултатите, дали тие биле добри, недоволно добри или можеби воопшто немало резултати. Понекогаш реконструкцијата се прави затоа што се менуваат приоритетите. Можеби тие приоритети пред две години имале една форма, а денес имаат поинаква – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека секој од коалициските партнери има свои приоритети во одредени области и дека токму затоа ќе има промени во распределбата на ресорите.
– Логично е владините коалициски партнери по овие две години да ги искристализираат сопствените приоритети и онаму каде што можат најмногу да придонесат. Мислам дека оваа реконструкција ќе биде токму во тој дух. Ќе има промена на ресори и промена на портфолија – рече премиерот.
Мицкоски не откри конкретни имиња ниту кои министерства ќе бидат предмет на промени, потенцирајќи дека станува збор за политички одлуки кои најпрво треба да бидат донесени во рамките на партиските органи.
– Сепак тоа се политички одлуки и на политичко ниво треба да се донесат, па дури потоа да ги операционализираме во рамките на Владата. Во вторник најпрвин треба да помине седницата на Извршниот комитет, па потоа ќе ги соопштиме и ресорите и имињата – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека сè уште не е донесена конечна одлука дали реконструкцијата ќе остане во рамките на една третина од владините функционери или ќе опфати поголем број позиции.
– Сега ќе видиме дали тоа ќе биде во рамките на една третина или ќе биде повеќе, но очекувам реконструираната Влада, доколку ја добие довербата од пратениците, многу успешно да го заврши својот мандат – рече премиерот.
Осврнувајќи се на работата на Владата во изминатите две години, Мицкоски оцени дека институциите денес функционираат значително подобро отколку во моментот кога неговиот кабинет ја презел власта.
– Не можам да зборувам само на квалитативна основа што сме очекувале, а што сме постигнале. Ако ја споредиме состојбата што ја затекнавме со состојбата денес, ќе видиме дека сме многу понапред од тоа што бевме пред две години. И во делот на консолидирањето и во делот на функционирањето на самата институција Влада – нагласи тој.
Премиерот потсети и на претходните кадровски промени кои беа направени по локалните избори, оценувајќи дека состојбата која ја затекнала актуелната власт била многу потешка отколку што јавноста можела да претпостави.
– Ние знаевме дека е тешко и дека е лошо, но верувајте, тоа е поезија во споредба со она што го затекнавме пред две години. Ако некој почнувал од нула, ние почнувавме од длабок минус – изјави Мицкоски.
Тој порача дека Владата сега е консолидирана и подготвена за нова фаза на реализација на програмските определби.
– После овие две години конечно сме консолидирани и конечно сме подготвени да забрзаме напред. Очекувам оваа реконструкција и новодефинираните приоритети да ни помогнат уште побрзо да го испорачаме она што сме им го ветиле на граѓаните – рече премиерот.