ПРЕМИЕРОТ ТВРДИ ДЕКА ВЛАДАТА СЕ СПРАВУВА ПОДОБРО СО КРИЗАТА Инфлацијата падна од 14,2 на 4,5 проценти
Премиерот тврди дека актуелната Влада остварува подобри економски резултати и покрај енергетската криза, која според него е посериозна од претходните три големи светски кризи заедно.
Претседателот на владата, Христијан Мицкоски во интервју на МРТ по повод две години од мандатот на владата, посочи дека и покрај тоа што оваа енергетска криза е полоша од претходните три, владата поуспешно работи од претходната и тоа го говорат фактите, односно во време на владите на СДСМ буџетскиот дефицит беше 5,3%, а сега со нафтената криза е 3,5%, додека платите беа во минус 3% реален раст, додека сега реалниот раст е 3%.
– Кога сме кај буџетскиот дефицит, зедов параметри и од претходната влада кои се многу важни затоа што кога зборувате за нешто, треба да зборувате со споредба, не може напамет. Кога ќе речат, оставете порано да видиме вие, добро, ама ние мора тоа да го споредиме со нешто, да видиме дали добро правиме или погрешно. Логично е да споредиме со нешто пред нас. Ако тоа го земете, во 2020 да не го сметаме буџетскиот дефицит кој е 8%, ковид период, но 2021 година 5,3% од БДП, во 2022 година е 4,4%, следната 4,6%, а ние лани бевме под 4%, оваа година ни беше целта 3,5%. Ова го зборувам поради една едноставна причина, оваа година да не беше кризата која се случи, и овие 3,5% на крај на годината ќе беа пониски – истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека за оваа енергетска криза за која сите велат дека по рихтеража, по јачина е поголема од трите последни енергетски кризи заедно, односно 2022, војната во Украина и оние од седумдесеттите години на минатиот век, и тоа го вели Светската енергетска агенција, господинот Фатих Бирол, претседателот, кој вели дека по јачина и последиците оваа криза ќе биде многу подевастирачка отколку тие три заедно.
– Што направивме ние. Ако вие ги анализирате параметрите економски сега, со тие од 2022 година. Во 2022 година реалниот раст на платите бил минус 2,9%, а сега е 3%, 6% во плус. Да одиме по други параметри, да речеме инфлација, во 2022 година 14,2%, сега е 4,5%. Било проекција 3,5%, се случи тоа што се случи, но не е 14,5%. Тогаш 2022 година се завршила со раст БДП од 2,8%, а сега растот е 3,1% во првиот квартал, очекувам до крај на годината 3,5%. Ова се параметри, ова се бројки кои вие не можете да ги игнорирате – нагласи премиерот Мицкоски.
Мицкоски: Има историска градба паралелно на 6 автопатишта
Претседателот на владата Христијан Мицкоски во интервју на Македонската радио телевизија по повод две години мандат вели дека во моментот има историска градба паралелно на 6 автопатишта во Македонија.
– Јас сум среќен што можам да кажам дека ние финансиски го затворивме Кичево Охрид конечно, благодарение на еден синдикат креиран од домашните банки, откако не оставија на цедило би рекол условно кинеските заемодаватели. Финансиски за оваа година го затворивме исто благодарение на домашните банки проектот коридор 8 и коридор 10д. Сега бараме на меѓународен пазар следна недела во вторник ЈПДП ќе бара од надворешни заемодаватели сума рамковна за до крајот на проектот со што до крај ќе ги обезбедиме парите – вели премиерот.
Тој додаде дека претходната влада не само што немаше мрднато ништо од тој проект, туку едноставно ги немаше ни финансиски затворено тој проект.
– Тоа е уште потрагично, значи они ни со експропријација ништо немаа направено, туку тие нема ниту финансии за проектот. И сега кога ќе ме обвинуваат немало пари за тој и тој проект, а што направивте вие? Така што тој го затворивме проект. Добро е што конечно после не знам колку перипетии Блаце – Скопје имаме договор, и конечно после многу години македонска фирма го прави тоа. Добива тендер од Европските банки, македонска фирма Гранит. Добро е затоа што на крајот од денот тој финансиски аранжман има грант но има и кредит кон што го плаќаат македонските даночни обврзници. Кога ќе работи македонска компанија посебно ми е драго, затоа што знам дека тоа е добро за македонската економија – додава премиерот.
Мицкоски истакна дека се при крај со Букојчани-Кичево, тоа е практично спојот помеѓу проектот на Сино хидро и Бехтел и Енка. Завршена е процедурата, очекуваме и тој автопат да почне.
– Така што практично во еден момент ќе имаме 5 до 6 делници. Ќе ја имаме делницата Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, ќе ја имаме делницата Букојчани – Кичево, спојот меѓу автопатот на Синохидро и Бехтел и Енка, ќе се дозавршува автопатот Кичево – Охрид, почетна фаза Блаце – Скопје, во напредна фаза ќе биде Прилеп – Битола очекувам прва половина следна година да имаме десетина километри пуштено на делницата Прилеп – Битола. Тоа историски не се правело во Македонија, 6 делници автопатишта да се градат – дециден е Мицкоски.