МЕГА ПАРК ВО БУТЕЛ СЕ ОТВАРА НАСКОРО Новата зелена оаза на Скопје е во завршна фаза
Од запуштен простор до современа зелена зона – Бутел добива нов мега парк со содржини за спорт, одмор и семејни активности.
Изградбата на мега паркот во Општина Бутел е во завршна фаза, а просторот кој со години бил запуштен и неискористен наскоро ќе биде предаден на користење на граѓаните, соопштуваат од Град Скопје.
На површина од 8.000 квадратни метри, новиот парк се трансформира во модерна зелена оаза која ќе биде наменета за одмор, рекреација и секојдневни активности на сите генерации.
Како што информираат надлежните, паркот ќе располага со богато хортикултурно уредување, уредени пешачки патеки, детски игралишта, фитнес зони и урбана опрема, со што ќе се создаде безбедна и пријатна средина за граѓаните.
Од Град Скопје посочуваат дека овој проект претставува значаен чекор кон унапредување на јавните простори и создавање позелено, почисто и поквалитетно урбано опкружување во главниот град.
Мега паркот во Бутел, како што е најавено, наскоро ќе ги отвори своите врати, нудејќи ново место за спорт, рекреација и семејни активности.