СЦЕНАРИО ОД ДУЌАНЧИЊАТА НА ИНСТРУКТОРИТЕ И НА ПАЛИКУЌИТЕ? Истрагите да се компромитираат, институциите да се распаднат и Македонија да запре

На дело се обиди за сериозна политичка манипулација и злоупотреба на трагедијата во Кочани. Кои се странските и домашните инструктори и што сакаат тие? Дали е ова момент за уривање на власта и за блокада на институциите? Како ќе одговори зрелата македонска јавност на предизвикот?

7,388

Во јавноста протекоа видео-снимки од онлајн-сесија преку платформата Зум, кои укажуваат на сериозен обид за политичка манипулација и злоупотреба на трагедијата во Кочани.

Порталот Нетпрес објави една таква снимка, објаснувајќи дека станува збор за координирани обуки, во кои учествуваат граѓани од Македонија, како и обучувачи и активисти од Србија, каде веќе подолг период се одвиваат протести и улични движења со дестабилизирачки карактер. На снимките се слушаат совети за тоа како да се организира привидно спонтан револт, како да се избегне секој институционален дијалог, да се креира медиумска драма и да се манипулира јавното мислење преку лажни профили на социјалните мрежи и фабрикувани пораки.






Особено загрижувачки е фактот дека во еден дел од разговорите, српскиот обучувач користи неприфатлива и навредлива терминологија за албанската заедница со терминот „Шиптари“, што претставува говор на омраза и дополнително го потврдува деструктивниот пристап кон мултиетничкиот соживот во Македонија.

Ова е снимката што ја објави Нетпрес:

Радио Лидер тврди дека Сташа Цветковиќ е името на „инструкторката“ за правење дестабилизација и злоупотребување на трагедијата од Кочани. Студира архитектура во Белград.

„Можно е да е поврзана со тајни служби кои имаат за цел да го прелеат српското сценарио во Македонија. Од информациите кои пристигнаа до нашиот медиум, Сташа заедно со членовите на Левица имала повеќе состаноци чија цел е српско сценарио во Македонија. Ваквите состаноци се случувале во текот на претходната недела, а според нашите информации, тие започнале само два дена по трагедијата“, тврди Лидер.

„Дополнителни извори посочуваат дека зад организацијата стојат добро познати имиња од политичката сцена и од медиумскиот свет во Македонија. Како неформални координатори и инспиратори на ваквите процеси се споменуваат Марјан Забрчанец, Џабир Дерала, Љубомир Фрчкоски, Сашо Орданоски и структури блиски до неформалната група Инфомакс, која, според истите извори, е поврзана со бизнисменот Палчо. Станува збор за сојуз на ретроградни елементи од СДСМ и од ДУИ – групации кои, наместо да извлечат поука и да ја почитуваат болката на народот, се обидуваат да се вратат на сцена преку манипулација и злоупотреба на трагедијата“, тврди Нетпрес.

Кои се вистинските морони?

Дел од познатите јавни личности на кои посочува Нетпрес деновиве интензивно ги коментираат трагедијата во Кочани и последиците. Така, во еден од своите настапи, професорот Љубомир Фрчкоски, природната потреба на луѓето во овие денови на жалост за да искажат почит кон жртвите ја нарекува „лингвистичка борба“ чија цел била, наводно, да се убедела јавноста дека луѓето не протестираат, туку се собираат. Фрчкоски тврди дека тоа е обид за замолчување на студентите, а оние кои не му се по волја ги нарекува „морончиња студенти“.

Суштината е дека Фрчкоски и луѓето на кои посочува Нетпрес тврдат дека на дело е обид на власта да ја отфрли одговорноста од себе. Со слични тези настапува и новинарот Сашо Орданоски, кој во поткастот „Политиканти“ ги коментира настаните на платформата Инфомакс.

Мечка и Зајче – заедно?!

Интересно е дека деновиве на социјалните мрежи осамна и видео-снимка од средба на Александар Митовски – Мечка, лидерот на порталот Инфомакс, со Зоран Заев, поранешниот лидер на СДСМ, за кој подолго време се тврди дека е во Дубаи. Според описот на снимката, станува збор за понова координација меѓу Митовски и Заев.

Новинарот Митовски ја пренесе таа снимка на својот профил на Фејсбук, а Инфомакс го сподели тој пост, со тврдење дека станувало збор за средба од 2023 или 2024 година и со духовит коментар: „Зборевме на англиски јазик, за да не може да не разбере Бојан Христовски од АНБ“. Но, многумина видоа суштинска нелогичност во оваа објава – Христовски не бил директор на АНБ во 2023 и 2024 година, од што неминовно произлегува заклучокот дека или АНБ нема врска со снимката, или таа сепак е актуелна. Ова е таа видео-снимка:

„Не ни треба акција за туркање на власта“

Но, покрај фактот дека дел од структурите ангажирани во револуцијата против режимот на Никола Груевски ги поттикнуваат студентите преку пленуми и собири да ги „освојат“ студентските организации и да покренат протести за рушење на власта, истакнати интелектуалци и поранешни директни учесници во отпорот против власта во тоа време, имаат поинакви погледи за тоа во која насока треба да се насочи граѓанскиот активизам.

Ивор Мицковски: Постоењето и сакањето ред и систем е прашање на цивилизациска, културна и морална амбиција

 

Така, во својата последна колумна за Дојче веле под наслов „За да не заборавиме – мораме да се промениме“, граѓанскиот активист Ивор Мицковски вели: „Нам не ни треба акција за туркање власт, зашто промената на власт кај нас никогаш не донела подобро – едни казнуваме за други да дојдат и пак тие да нѐ казнат. Нам ни треба акција на подолг период“.

„Ни треба тотален, апсолутен и искрен морал и тотално почитување на законите и Уставот, на јавното добро. Постоењето и сакањето ред и систем е прашање на цивилизациска, културна и морална амбиција, на созреана свест, на колективен напор. Мора повеќето да го посакуваат тоа, да го прават тоа, да го бараат тоа и да го одржуваат тоа. Само од себе не доаѓа, само од политика не се раѓа, па конечно и тие во политика од народ извираат. Ама треба и некој доблесен што стигнал погоре, да се обиде тоа да го наметне, ама треба да има и некој што тоа ќе го следи и почитува“, додава Мицковски.

Гордан Георгиев: „Власта е во ран мандат, а немаме втор подобар“

Забележителен и многу цитиран пост на Фејсбук деновиве објави и професорот Гордан Георгиев, поранешен потпретседател на СДСМ од деновите на Отпорот.

„На истекот на седумте дена тага по кошмарот кој ни се случи, додека роднините, пријателите, комшиите, соучениците уште не можат да се соземат од болка поради ужасната смрт на нивните најблиски, ние останатите, живи мртовци, мораме да почнеме да делуваме. А ќе можеме ефективно да делуваме само ако прво делуваме индивидуално, а потоа колективно. Тоа значи најпрво, секој од нас да си ги преброи личните ‘дуќанчиња’ (јас ги избројав за себе, имам 5-6 такви дуќанчиња) и да си ги затвори, со катанец. Тоа значи дека секоја врска, врскичка, имам братучед таму, ќе подмачкам, не се секирај, имаш ли бе чоек таму, абе слушнав си бил близок со неа… сето тоа ќе си го закопате два метри под земја, ќе го погребете. Без тоа нема напред, шансите ни се речиси никакви“, пишува Георгиев и прецизира:

„Под дуќанчиња не мислам само на софт и хард корупција и фаќање врски, туку мислам и на разно-разни идеолошки дуќанчиња, персонални преференци, можности за позиции и поголема плата или проект, тага за минатото, можеби и неправда или грев што претходно ви ги направиле овие или оние… Не, не, се’ ќе тргнете на страна“.

„Откако тоа ќе го направиме, ќе треба да им дадеме полна поддршка на овие што се сега во позиција да го направат тоа за нас. А во позиција се да го направат тоа затоа што и тие се преплашени, и тие се пеплосани, претпоставувам дека се согласувате дека и тие се луѓе. Верувајте, сурово политички кажано, никој не сака ваква хаварија на 9 месеци од почетокот на силен мандат. Преплашени и треба да бидат, и за себе и од нас, но ние мораме да видиме дали се всушност прекршени. Прекршени дека сега или никогаш треба да се средат работите. Искрено, делуваат прекршено, но наша работа е да ги следиме на секој чекор, во секој миг, на секоја кривина. Се разбира, откако претходно сме си ги затвориле дуќанчињата, нели?“, пишува Георгиев.

Тој забележува дека „опозицијата доста внимателно се однесува, и тоа е добро, грчот е голем, влогот е државата и целокупниот опстанок на ова општество“.

„Добро знаете дека сите тоа го шепкаме: ова не е држава, не не’ бива, пак исто ќе биде. Со оваа, би рекол здрава доза на скепса и неверица, треба до крај да ги поддржиме овие кои сега се во можност тоа да го направат. Бидејќи, реално, немаме second best. Власта е во ран мандат, на опозицијата ѝ треба време да се консолидира, немаме секонд бест“, заклучува Георгиев.

Блокадата на институциите значи запирање на истрагата за трагедијата – тоа некој го посакува?!

По утрешниот протест ќе биде појасно дали постои цврсто сценарио за злоупотреба на трагедијата во Кочани за неартикулирани протести и блокади, чија цел е да се парализираат власта и институциите и да се предизвика хаос во земјата.

Став на авторот на овој текст е дека зрелата македонска јавност мора енергично да ги отфрли и да ги осуди тврдењата дека биле „морони“ луѓето кои спонтаните собири и протести ги разбираат и како свој личен израз на тага и очај поради трагедијата, но и како облик на јавен притисок за „тотален, апсолутен и искрен морал и тотално почитување на законите и Уставот, на јавното добро“, како што вели Мицковски. Спонтаната потреба на луѓето да се собираат во тешки моменти не е никакво „моронство“, како што навредливо обвинува професорот Фрчкоски, оправдувајќи ја својата лажна теза дека некој сакал да ги замолчи студентите.

Најостро, пред се, од самите учесници на протестот, но и од целата јавност, треба да се осудат инструктажите од типот „блокирајте улици, тоа ќе изгледа како знак на жалост“, „треба да смениме идентитет, да тргнеме постови и да имаме 3-4 барања за да изгледаме пореални“ и слични, какви што се слушаат на објавената снимка. Јасно е дека тука гледаме инструкции да се избегне било каков институционален дијалог и да се дестабилизира земјата. А дестабилизирањето на институциуите ќе значи и компромитирање или целосно запирање на истрагата и блокирање на сите обиди за рестарт на системот.

Кој има полза од блокада и парализа на земјата?

Овие сценарија се неприфатливи. Не само затоа што се „увозни“ и во таа смисла препознатливи. И не само затоа што актуелната власт е избрана пред девет месеци, со мандат и обврска да се бори против криминалот, корупцијата и сите слабости на системот, наталожени со децении. И не  поради неспорниот факт дека оваа власт покажа волја за промени, тоа никој не може да го негира. Заедничкиот именител на овие инструктажи и на манипулантските тези на некои ликови од јавната сцена е идејата да се создаде криза на институциите со избегнување дијалог со нив, со креирање алиби барања и со блокада и парализа на системот. Тоа, всушност, е идеја да се парализира земјата во целост. Суштината на овие сценарија е моронската желба Македонија буквално да запре.

Кој ќе има полза од такво нешто?

Опозицијата? Не.

Граѓаните? Не.

Ќар од овие сценарија имаат само луѓе на кои ваквите проекти им се „лични дуќанчиња“, како што вели Георгиев. Затоа, да се придружиме кон неговиот апел: „Сите џавкања кои доаѓаат од зачадената смрдлива внатрешност на нашите лични дуќанчиња, треба да ги игнорираме и да ги осудиме. Сите добронамерни поддршки треба да ги охрабриме“.

Да додадам само едно: наместо да ги разбуди паликуќите, луѓето кои сакаат да ја злоупотребат трагедијата за да предизвикаат политички пожар, пораката што ни ја испраќа судбината е да се сплотиме во напорот злото никогаш веќе да не ни се повтори – затоа Македонија во овој момент не смее да запре и да падне во бездната на хаосот.

Едит (15:30): Марјан Забрчанец реагираше откако во одредени медиуми се појавија, како што вели, клевети дека тој стои зад протестите. „Запрете со клеветењето и хушкањето, вашите лаги нема да го угасат гневот кај граѓаните кои бараат одговорност. Јавно се обраќам до сите медиуми и т.н. ‘медиуми’ кои ги објавија или ќе ги објават ваквите клеветења, навреди, хушкања, етикетирања и дезинформации и барам да го повлечат моето име од објавите и да се извинат за намерното предизвикување и ширење омраза и гнев и тоа во време на национална трагедија“, вели Забрчанец.
Појаснување од Плусинфо: „Во делот од текстот преземен од Нетпрес Марјан Забрчанец се спомнува како дел од „неформалните координатори и инспиратори на ваквите процеси“, а не како некој што „стои за протестите“. Го нотираме демантот на г-н Забрчанец, но не можеме да го доведеме во контекст на било какво хушкање, ширење омраза и гнев, бидејќи такво нешто во оваа статија нема.

 

Поврзани содржини