Српската актерка и пејачка Оливера Катарина, која во март наполни 80 години, во повеќе наврати јавно зборувала дека со години наназад живее тешко, а сега се нашла во особено непријатна ситуација, пишуваат српските медиуми.
Оливера живее како потстанар, иако остварила големи успеси во целиот регион, но и во светот и сега, поради финансиската ситуација, принудена е од еден изнајмен стан да се пресели во друг.
– Се селам од еден во друг стан. Немам сопствен стан и затоа мора да се селам – рекла Оливера.
Таа истакнала дека смета дека е заборавена од колегите и пријателите, но дека си го зачувала достоинството и дека нема никого да моли.
– Осамена меѓу четири ѕида, заборавена од повеќето пријатели и колеги. Јас сепак го зачував своето достоинство и не сум депресивна. Никого нема да молам – изјавила Оливера за „Глорија“.
Актерката пред неколку години јавно зборувала дека тешко живее, но и дека имало период кога немала ниту леб.
– Имаше моменти во мојот живот кога немав ниту за леб. Имаше многу тешки моменти. Кога немав ништо. Ниту сега немам ништо посебно. Живеам во изнајмен стан, што е, ќе се согласите, чудно, што во текот на мојата кариера не стекнав ниту стан ниту нешто друго. Да бев во Холивуд, веројатно ќе живеев во најлуксузната населба. Американците ги ценат своите уметници, а тука можете да бидете не знам каков талент, и да немате ништо од тоа. Извинете, ве молам, тука разноразни пејачки се многу богати и живеат во некои замоци. Живеат на високо нога. Дали знаете како живеат уметниците? Тие живеат премногу тешко. Поети, сликари и скулптори, како живеат, тие си знаат, тоа е страшно – објаснила Оливера.