САД ПОГОДИ ТРЕТ ТАНКЕР, ЗАГИНАА ТРОЈЦА ИНДИЈЦИ Индија бесна, Иран пак го затвори Теснецот

Американската Централна команда потврди напад врз уште еден танкер во Оманскиот Залив, додека Индија тврди дека на бродот имало индиски морнари. Истовремено, Техеран повторно соопшти дека Ормускиот Теснец е затворен до понатамошно известување.

0

Нови тензии ја тресат една од најважните поморски артерии во светот. Американската Централна команда потврди дека извршила напад врз уште еден танкер во Оманскиот Залив, додека Индија обвини дека на бродот имало нејзини морнари. Во нападот загинаа тројца морнари. Во меѓувреме, Иран објави дека го затвора Ормускиот Теснец на неодредено време.

Според ЦЕНТКОМ, американски сили презеле акција против танкерот „Џалвир“, кој пловел под знамето на Гвинеја-Бисао. Американската страна тврди дека бродот се обидувал да транспортира иранска нафта и не ги почитувал инструкциите на американската војска.






Во соопштението се наведува дека американски авион испукал два проектила „Хелфаер“ кон машинската просторија на бродот, со цел негово онеспособување.

Дипломатски скандал, на танкерот имало 20 морнари

Индија реагираше остро по инцидентот. Според индиското Министерство за надворешни работи, на танкерот имало 20 индиски морнари. Властите во Њу Делхи соопштија дека сите се безбедни, но евакуацијата сè уште трае.

Индиските претставници тврдат дека ова е трет брод со индиски морнари што бил погоден во последните денови.

Поради ситуацијата, индиската дипломатија повикала висок американски претставник на разговори.

Таткото на морнар убиен во американскиот напад врз танкерот за нафта „Сетебело“ за „Ројтерс“ изјави дека последен пат разговарал со својот син во вторник и дека „сè било во ред“. Рамџи Чаурасија вели дека неговиот син го напуштил домот пред осум или девет месеци.

 

Иран возврати со ракети

Техеран тврди дека одмаздата за американските напади веќе е во тек. Според иранскиот Корпус на Револуционерната гарда, биле лансирани 12 балистички ракети кон американски цели на Блискиот Исток.

Иранските власти соопштија дека мета биле вкупно 18 американски воени цели, меѓу кои воздухопловни бази и командни центри.

Според ИРГК, нападнати биле локации каде се стационирани американски борбени авиони Ф-35, Ф-15 и Ф-16, како и воздухопловната база Ал-Азрак и командниот центар во неа.

Вашингтон засега не ги потврди бројките што ги објави Техеран.

„Затворено до понатамошно известување“

Техеран во меѓувреме повторно објави дека Ормускиот Теснец е затворен.

Новоформираната иранска Управа за Персискиот Залив соопшти дека блокадата останува во сила до понатамошно известување.

Од американска страна претходно беа објавени спротивни тврдења дека поморскиот сообраќај продолжува и дека бродови и понатаму влегуваат и излегуваат од регионот.

Токму поради тоа останува нејасно колкав дел од Теснецот е реално прооден и во каков обем се одвива меѓународниот транспорт.

„Ќе пукаме на секој брод“

Иранските власти испратија и нови закани. Според наводите во иранските медиуми, Техеран предупредил дека секој брод што ќе се обиде да ја прекрши блокадата може да стане легитимна цел.

Во исто време продолжуваат дипломатските напори за смирување на кризата.

Турција, Кина и Саудиска Арабија повикаа на итен прекин на воените операции и враќање на преговорите, предупредувајќи дека понатамошната ескалација може да предизвика сериозни последици за целиот регион и за светската економија.

Заканите од Техеран доаѓаат во момент кога САД и Иран разменуваат нови напади, а стравувањата од директен и поширок регионален судир се сè поголеми.

Ормускиот Теснец останува една од најчувствителните точки на планетата, бидејќи низ него минува значителен дел од светската трговија со нафта и течен природен гас.

Поврзани содржини