РОД СТЈУАРТ ИМАЛ РУТИНСКА ПРОЦЕДУРА НА СРЦЕТО – ДОБИЛ КОРОНАРЕН СТЕНТ Легендарниот пејач ги откажа преостанатите концерти од својата турнеја
Британскиот пејач сер Род Стјуарт ги откажа преостанатите датуми од неговата турнеја низ Северна Америка за 2026 година, откако беше подложен на, како што пишува на неговиот профил на Инстаграм, рутинска процедура при која му бил поставен коронарен стент.
Род Стјуарт (81) мораше да ги откаже сите преостанати концерти од својата турнеја откако неодамна беше подложен на рутинска процедура при која му е поставен коронарен стент. Неговиот тим соопшти дека тој добро се опоравува и веќе ги продолжил секојдневните активности. Сепак, лекарите му препорачале четиринеделен одмор за целосно да закрепне.
Стјуарт лично им се обрати на обожавателите и призна дека е разочаран што мора да ги откаже настапите. Во својата порака тој им се заблагодари за поддршката и увери дека се чувствува подобро и дека е на пат кон целосно закрепнување. Неговото обраќање дојде откако претходно беа одложени и неколку други концерти поради здравствени проблеми.
Поради лекарската препорака, Стјуарт нема да ги одржи планираните настапи во САД, Мексико, како и шесте концерти во Лас Вегас кон крајот на август. Неговата турнеја требаше да продолжи до 3 септември, но сега сите преостанати датуми се откажани. Организаторите и салите ќе ги информираат купувачите за понатамошните детали околу билетите и евентуалните рефундации.
Ова не е првпат годинава здравјето да го принуди легендарниот музичар да го промени распоредот. Во изминатите месеци тој откажа или одложи неколку настапи поради инфекции на синусите и воспаление на грлото, а неодамна мораше да го откаже и концертот во Синсинати поради медицинска интервенција која тогаш беше опишана како „мала“. Претходно, на настап во Јута, пејачот имал и момент кога му била потребна медицинска помош и кислород.
И покрај здравствените проблеми, Стјуарт досега не покажувал намера целосно да се повлече од сцената. Неговата актуелна турнеја „One Last Time“ беше замислена како проштална турнеја, но пејачот и порано има говорено дека не планира едноставно да престане да настапува. Неговата кариера трае повеќе од шест децении, а меѓу неговите најпознати хитови се „Maggie May“ и „Tonight’s the Night“.
Здравствената вест доаѓа само неколку дена откако Стјуарт доби и убав повод за славење – стана дедо по шести пат. Неговата ќерка Руби неодамна го доби своето второ дете, синчето Леви. Сега музичарот ќе мора да го стави здравјето на прво место и да се одмори пред евентуалното враќање на сцената. Неговиот тим уверува дека процедурата била успешна и дека тој добро се опоравува.
View this post on Instagram