📽️ ПО 16 ГОДИНИ БРАК OTКРИ ДЕКА Е ПАНСЕКСУАЛНА Признанието на Аланис Морисет ги изненади дури и водителките на подкастот во кој гостуваше

Канадската пејачка Аланис Морисет која веќе 16 години е во брак со раперот Сулеј, со кого има три деца, првпат јавно откри дека е пансексуална. Признанието го сподели во подкастот „Handsome“.

1

Канадската пејачка Аланис Морисет (52), која со своите песни ги одбележа деведесеттите години, изненади со искрено признание за својата сексуалност. Во гостувањето во подкастот „Handsome“, емитувано на 3 ноември, таа првпат јавно потврди дека е пансексуална.

Разговорот со водителките Тиг Нотаро, Форчн Феимстер и Меј Мартин се вртеше околу нејзините љубовни искуства и мажите кои ја повредиле, но и песните што настанале инспирирани од тие разочарувања.






– Жал ми е за мажите кои те повредиле, но не ми е жал за песните што произлегоа од тоа – ѝ рече Феимстер, а потоа ја праша дали некогаш поради таквите искуства посакала да биде лезбејка.

– Јас сум пансексуална, па да – одговори Морисет.

Признанието ги изненади водителките, па Тиг Нотаро дополнително ја праша дали навистина е пансексуална. Пејачката потврди, а на забелешката дека можела да го каже тоа уште на почетокот од разговорот, низ шега одговори:

– Сакам ваквите работи да ги оставам за крајот.

Морисет е во брак со раперот Марио Тредвеј, познат под уметничкото име Сулеј (Souleye), од мај 2010 година. Заедно имаат три деца: синовите Евер и Винтер и ќерката Оникс. Иако нејзиното признание предизвика изненадување, пејачката и претходно отворено зборувала за истражувањето на сопствената сексуалност. Во интервју од 2008 година споменала дека имала искуства со жени и дека тоа го доживеала како позитивен дел од личното откривање.

Инаку, пансексуалноста подразбира емоционална, романтична или сексуална привлечност кон луѓе без оглед на нивниот пол или родов идентитет. Тоа значи дека полот не е пресуден фактор за привлечноста.

Морисет зад себе има и бурен љубовен живот. Пред бракот со Тредвеј, беше свршена со актерот Рајан Рејнолдс. Нивната врска траеше неколку години, а во 2007 година објавија дека се разделуваат. Рејнолдс подоцна се ожени со Скарлет Јохансон, а потоа и со Блејк Лајвли.

Но, нејзината најголема љубовна приказна со публиката е музиката. Светска слава стекна во 1995 година со албумот „Jagged Little Pill“, на кој се наоѓаат незаборавните хитови „You Oughta Know“, „Ironic“ и „Hand in My Pocket“. Албумот продаде повеќе од 33 милиони примероци и ѝ донесе пет Греми-награди, меѓу кои и за албум на годината. Во текот на кариерата Морисет освои вкупно седум Греми-награди.

Поврзани содржини