ПОЧИНА МАСОВНИОТ УБИЕЦ ОД КРАКОВ Пред нападот на плоштадот ги убил и родителите и сестра си
Полскиот претседател Карол Навроцки прогласи дводневна државна жалост, која продолжува и денеска, понеделник. За понеделник вечер е најавен собир на главниот градски плоштад.
Напаѓачот Михал Оксињски кој во саботата уби шест лица во центарот на Краков, во досега невидена масовна пукотница во Полска, почина во болница, соопшти полската полиција, објавија светските агенции.
„Известуваме дека сторителот на трагичните настани починал рано утрово во болница“, се наведува во објавата на полицијата на Икс.
Вооружениот напаѓач во саботата (7 ноември) од автомобил во движење отворил оган на главниот плоштад во Краков и убил шест лица, а 15 беа повредени. Оксињски со автомобил пристигнал на плоштадот и почнал да пука во случајни минувачи, туристи и таксисти. Жртвите биле на возраст од 32 до 61 година, а меѓу загинатите има и двајца странски државјани, едно лице од Велика Британија и една државјанка на Австрија. Меѓу бројните повредени има и пет лица од Германија, Велика Британија, Португалија, Австрија и Русија.
По интервенцијата на полицијата започнала потера по црниот автомобил „Субару“ со кој се движел осомничениот. На една крстосница тој се судрил со друго возило, по што излегол од автомобилот облечен во воена униформа, со шлем, маска и тактички елек, и отворил оган кон полицајците.
Во престрелката биле тешко повредени двајца полициски службеници. Еден од нив, и покрај сопствените повреди, успеал да го совлада и да го застрела напаѓачот. Оксињски бил пренесен во болница во критична состојба, каде што утрово починал.
Во текот на истрагата полицијата открила уште едно тројно убиство во семејниот дом на осомничениот во неговиот роден град Островјец Швјентокшиски, оддалечен околу 150 километри од Краков. Таму биле пронајдени телата на неговите најблиски роднини – таткото, мајката и сестрата. Се претпоставува дека и тие биле убиени од него.
Полскиот претседател Карол Навроцки прогласи дводневна државна жалост, која продолжува и денеска, понеделник. За понеделник вечер е најавен собир на главниот градски плоштад, кој стана место на масакрот. „Да покажеме солидарност во овие тешки моменти и да докажеме дека Краков секогаш ќе биде горд, гостопримлив и отворен град“, повика градоначалникот Лукаш Гибала преку социјалните мрежи.