📽️ РОБОТ НЕСООДВЕТНО ДОПИРАЛ 16-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ Бизарен случај во Германија, полицијата истражува
Робот висок 120 сантиметри наводно ѝ се приближил одзади на 16-годишна девојка пред ресторан за брза храна во Келн. Полицијата ги истражува двајцата осомничени и проверува дали намерно ги контролирале движењата на роботот.
Германската полиција отвори истрага против двајца млади мажи осомничени дека управувале со робот кој наводно допирал 16-годишно девојче без нејзина согласност во Келн, соопшти полицијата на Северна Рајна-Вестфалија.
Според полицијата, црвено-златниот робот, висок 120 сантиметри, ѝ се приближил на девојката одзади додека таа во саботата, непосредно пред полноќ, била со пријатели пред ресторан за брза храна во близина на центарот на градот, пренесе Би-би-си.
Полицијата се сомнева дека 16-годишниот сопственик на роботот и неговиот 19-годишен придружник го пренесувале инцидентот во живо на социјалните мрежи и го коментирале.
Откако службите за итни случаи биле известени за настанот, двајцата осомничени биле пронајдени набргу потоа, на околу еден блок од местото на инцидентот.
Роботот бил пронајден на задното седиште во автомобил, каде што го оставил неговиот сопственик, соопшти полицијата.
Полицајците го заплениле роботот, како и двата мобилни телефони на осомничените, за да утврдат дали некој намерно ги контролирал неговите движења за време на инцидентот.
На фотографијата што ја објавила полицијата се гледа робот со црни мустаќи, златен синџир и бел елек.
Во објава на „Facebook“, полицијата предупредила дека одредени коментари за случајот на социјалните мрежи „може да ја преминат границата, а во најлош случај и да претставуваат кривично дело“.