ПРВПАТ ВО РЕГИОНОТ НАПРАВЕН СЛОЖЕН ЗАФАТ КАЈ ПАЦИЕНТКА СО МНОГУ КАМЕЊА ВО ЕДИНСТВЕНИОТ БУБРЕГ Во „Аџибадем Систина“ изведена процедурата ECIRS

ECIRS денес се смета за еден од најсовремените и најефикасни пристапи во третманот на комплексна нефролитијаза, особено кај корални камења, мултипни каликсни камења, камења поголеми од 2 сантиметри, неповолна анатомија на бубрегот, неуспешни претходни третмани и бубрежни аномалии.

0

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ првпат во регионот успешно е изведена ендоскопска комбинирана интраренална хирургија (ECIRS), една од најсовремените и најкомплексни уролошки процедури за третман на коралиформна и мултипла бубрежна калкулоза. Интервенцијата е направена кај 58-годишна пациентка со единствен функционален бубрег и повеќебројни камења лоцирани на тешко достапни места. Интервенцијата ја изведоа уролозите: д-р Александар Мицковски и д-р Владимир Лозановски, со поддршка од два комплетни оперативни тимa.

ECIRS претставува високоспецијализирана хируршка техника што се изведува во мал број современо опремени центри и бара исклучителна координација, искуство и тимска работа.

– ECIRS е напредна хибридна техника, која ги комбинира перкутаната нефролитотомија (PCNL) и ретроградната интраренална хирургија (RIRS/FURS), со цел да се постигне максимална ефикасност кај комплексни бубрежни камења и значително подобра stone-free стапка – објаснува д-р Александар Мицковски, специјалист по урологија.

Пациентката била примена во болницата по повеќекратни воспаленија на бубрегот и неколку хоспитализации во други установи, каде што била третирана конзервативно. Со почетокот на оваа година состојбата значително се влошила, а нападите станале почести и поинтензивни.

– Кај пациентката имаше повеќе од 12 камења распространети во различни делови од бубрегот, на тешко достапни локации. Дополнителен предизвик беше фактот што станува збор за нејзиниот единствен бубрег, бидејќи другиот претходно бил отстранет поради сличен проблем со бубрежна калкулоза. Со примена на оваа современа техника успеавме целосно да го решиме проблемот – додава д-р Мицковски.

Д-р Владимир Лозановски истакнува дека двојниот пристап до пиелокаликсниот систем овозможува подобра визуализација, попрецизна пункција и намалена потреба од повеќекратни тракти, како и третман на поголеми и потешко достапни камења во бубрегот, што ја прави процедурата побезбедна и поефикасна за пациентот.

– Најчесто се користи Galdakao-модифицирана супинирана Valdivia позиција, која овозможува симултан пристап без потреба од репозиционирање на пациентот. Процедурата вклучува ретрограден пристап, ендоскопски водена перкутана пункција на бубрегот, дилатација, симултана литотрипсија и финална инспекција – вели д-р Лозановски.

ECIRS денес се смета за еден од најсовремените и најефикасни пристапи во третманот на комплексна нефролитијаза, особено кај корални камења, мултипни каликсни камења, камења поголеми од 2 сантиметри, неповолна анатомија на бубрегот, неуспешни претходни третмани и бубрежни аномалии.

Со оваа интервенција, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ уште еднаш го потврдува своето лидерство во примената на најсовремени медицински практики.

Поврзани содржини