ПРОДОЛЖЕН МУ Е МАНДАТОТ НА В.Д. ДИРЕКТОРОТ НА ЈСП, АРСОВСКА НЕГИРА ДЕКА ПОСТОИ ПРОБЛЕМ До крајот на денот ќе пристигне нова количина нафта за автобусите
Повторното повлекување на автобусите на ЈСП Скопје во гаражите, според премиерот Христијан Мицкоски, не е поврзано со немање нафта, туку проблемот е административен. Тој апелираше до раководствата на ЈСП и на Град Скопје да ги надминат, како што кажа, меѓусебните насогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз.
Во Градот Скопје попладнево сообраќаат само четириесетина автобуси на ЈСП Скопје, но до крајот на денот се очекува да се зголеми нивниот број бидејќи се очекува фирмата „Пуцко Петрол“ да достави нафта до претпријатието. Претпладнево му е продолжен мандатот на в.д. директорот Драги Кушевски кој ги информира вработените дека ќе има нафта.
Според информациите на МИА, во претпријатието треба да пристигнат 40 тони нафта кои ќе бидат доволни до божикните празници.
Миќо Стојановски, синдикален претставник на ЈСП – Скопје, изјави дека е точно оти синоќа било реагирано и дека биле повлечени одреден број автобуси на градското претријатие за да се заштеди на нафта и утрово да бидат повторно ставени во сообраќај за да ги превезат скопјани до нивните работните места и низ градот.
– Извршивме еден вид притисок и имаме информација дека нафта ќе пристигне за неколку часови – изјави тој за МИА.
Стојановски потврди и дека пред околу 2 часа му бил продолжен мандатот на в. д. директорот Кушевски.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, за Телма ги негираше проблемите во ЈСП.
– Состојбата е редовна како и деновиве. Нафта има за автобусите на ЈСП согласно договорот кој е склучен за интервентна набавка на еуродизел поради што јавниот превоз функционира редовно и согласно плановите. На директорот Драги Кушевски му е продолжен В.Д. мандатот откако му истече првиот 6-месечен мандат и потпишав решение за ново назначување. Не знам зошто се шират неточни наводи, но можеби некој сака да сокрие нов скандал или непријатни информации – рече Арсовска.
ЈСП склучи договор со „Пуцко петрол“ за интервентна јавна набавка на еуродизел на почетокот на месецов, а тендерот во вредност од околу 2 милиони евра е со важност од 3 месеци.
Повторното повлекување на автобусите на ЈСП Скопје во гаражите, според премиерот Христијан Мицкоски, не е поврзано со немање нафта, туку проблемот е административен. Тој апелираше до раководствата на ЈСП и на Град Скопје да ги надминат, како што кажа, меѓусебните насогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз.
– Јас тоа го дознав пред неколку минути… Такво барање од Градот Скопје нема. Од тоа што можам да го добијам како информација, раководството на Јавното сообраќајно претпријатие не доаѓа на работа. Административен е проблемот, не е проблемот дека нема количини на нафта, туку дека проблемот е административен. И апелирам и до раководството на ЈСП и до раководството на Градот Скопје да ги надминат меѓусебните несогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз бидејќи овде не станува збор за, колку што јас сум инфомиран, недостаток на количини нафта, туку едноставно нешто друго е проблемот. Дали не е потпишан договор, дали нешто друго… нека се именува ново лице, или, пак, нека направат нешто бидејќи ова веќе ги поминува сите граници на едно однесување кое не треба вака да се случува – изјави денеска премиерот Мицкоски на прес-конференција во Владата.