ЌЕ СЕ ГРАДИ НОВА БАЗА ЗА СКОПСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ВО АЕРОДРОМ Градот обезбеди 50 милиони денари од буџетот

Со ребалансот на Буџетот на Град Скопје се обезбедени средства за изградба на нова противпожарна станица во близина на Центарот за јавно здравје, со цел побрзи интервенции и подобра покриеност на градот.

1

Преку усвоениот Ребаланс на Буџетот, на денешната седница на Советот на Град Скопје биле обезбедени 50 милиони денари за изградба на нова противпожарна станица за потребите на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Новата станица, како што информираат од прес-службата на Град Скопје, ќе биде лоцирана во Општина Аеродром, во близина на Центарот за јавно здравје, и претставува значајна инвестиција во безбедноста на граѓаните и унапредувањето на условите за работа на скопските пожарникари.






Со реализацијата на овој проект, како што се наведува во соопштението, ќе се овозможи подобра организација на противпожарните служби, побрза реакција при интервенции, поефикасно спасување човечки животи и зголемена заштита од пожари и други вонредни ситуации во урбаните и приградските подрачја на градот.

„Пожарникарите секојдневно се соочуваат со сериозни ризици во извршувањето на своите задачи и затоа заслужуваат современи услови за работа, модерна опрема и соодветна инфраструктура. Изградбата на новата станица е конкретен чекор кон целосна модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје и создавање систем кој ќе биде подготвен, брз и ефикасен кога тоа е најпотребно“, посочуваат од Град Скопје.

Градот Скопје изразува благодарност до сите советници кои го поддржале овој проект и придонеле за неговата реализација.

„Станува збор за инвестиција од трајно значење која директно ќе придонесе за поголема безбедност и подобар квалитет на живот на сите граѓани. Град Скопје продолжува посветено да работи на реализација на проектите кои носат конкретни резултати и придобивки за градот и неговите жители“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Поврзани содржини