ПРИСТИГНА ДЕЛ ОД ТЕРАПИЈАТА ЗА ОНКОЛОШКИТЕ ПАЦИЕНТИ Другиот дел ќе стаса за 2 дена
Клиниката за радиотерапија и онкологија на нејзиниот профил на Фејсбук објавила дека терапијата е пристигната и дека нема да има дисконтинуитет за пациентите.
Проблемот со недостигот на дел од терапијата за онколошките пациенти во моментот е надминат. Дел од терапијата вчера е пристигната на Клиниката, а другиот дел треба да пристигне во наредните два дена и се надеваме дека така и ќе биде, изјави денеска Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“.
Таа посочи дека преку групата „Пеперутки“ ќе ги информираат пациентите за тоа која терапија во кој момент ќе пристигне, за да не мора на високите температури непотребно да доаѓаат и да чекаат за терапијата.
Марјановиќ истакна дека не бараат привилегии, единствено сакаат терапијата да биде навремена и континуирана, како и да се надминат проблемите со добавувачите, за да нема застои во набавката.
Недостигала терапија за пациенти со рак на дојка – фулвестрант, золадекс и рибоциклиб. Недостигала и дел од терапијата што е на позитивната листа, односно дел од цитостатиците што ги примаат болните од канцер на дојка и на дебело црево, но, во моментов, вели, тоа е надминато. Тоа е терапијата што прва пристигнала и пациентите ќе ја примат, рече Марјановиќ и при тоа апелираше да не се создава паника и непотребен стрес кај онколошките пациенти.
– Баравме поголем буџет и добивме поголем буџет. Тендерот помина во мај, цело лето имаме некакви прекини во набавките за Онкологија. Во овој момент дури не знаеме дали Министерството за здравство е вистинското место за собир, бидејќи ова не е протест и нема да биде протест, барем во овој период. Уште еднаш ќе кажам во моментов набавката е завршена. Терапијата ветена од добавувачите, односно дел од неа пристигна вчера, а останатиот дел ќе пристигне во наредните два дена. Тука сме само да потсетиме дека нема да молчиме доколку недостига терапија за онколошките пациенти – рече Марјановиќ.
Таа истакна дека од Клиниката за радиотерапија и онкологија на нејзиниот профил на Фејсбук објавила дека терапијата е пристигната и дека нема да има дисконтинуитет за пациентите, а нивна желба и надеж е, вели, тоа навистина да биде така. Според неа, недостигот на терапијата во изминатите пет години, без разлика кој е министер и кој е на власт, постојано ги држи онколошките пациенти во неизвесност околу терапијата.
– Македонија пред 25 години, беше лидер во Онкологијата во овој дел од светот. Каде сме сега? Превенцијата е запрена, не е запрена од вчера, ја немаме со децении. Законот за лекови е заглавен. Позитивната листа и покрај подобрувањата што ги направивме во изминатата година, е недоволна и во моментов практично немаме скрининг-програма. Доколку не се почне да се работи на добра превенција и на одлични скрининг-програми што ќе ги откриваат болестите во рана фаза, буџетот за Онкологија постојано ќе мора да се зголемува, бидејќи растат и цените на лековите и бројот на пациенти. Македонија не е држава што во кој било момент ќе има доволно финансиски средства за да ги опслужи сите онколошките пациенти – рече Марјановиќ.
Таа посочи дека министерот за здравство Сашо Клековски е добро запознаен со проблемите кои ги имаат онколошките пациенти, имале одлична соработка со него во изминатиот период околу Позитивната листа.
– Европската Унија веќе со години работи на планот „Beating Cancer“, а Македонија заостанува. Не можеме да се бориме со ракот со ад хок и краткорочни решенија. Мора да се донесе стратегија за секој сегмент од борбата против ракот, на долг рок – рече Марјановиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека со Министерството се во постојан контакт, разговарале и претходно за т.н. децентрализација, поддржуваат терапијата да се дава и во другите градови, но вели потребно е подобро планирање и организација, како и соодветни услови за давање одреден вид терапии.
– Целата поента за борбата против ракот е да имаме континуитет. Не е поентата да бараме виновник, сакаме решение. Ако немаме континуитет и долгорочни стратегии, секогаш ќе се враќаме на истото: сè поголем број пациенти поради недоволна превенција, недостиг на терапија, затоа што таа е премногу скапа, лоши закони во однос на набавка кои треба да се променат – рече Марјановиќ и додаде дека ако дистрибуцијата е проблем во Македонија треба да се разговара со комори и здруженија на веледрогерии во државата.
Таа замоли онколошките пациенти да не се користат во дневно-политички препукувања.
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, денеска одржа работна средба со претставници на Здружението ХЕМА-ОНКО – здружение посветено на пациентите со рак и нивните негуватели, како и со претставнички на групата Пеперутки, на која се разговараше за актуелните потреби на пациентите и за унапредување на здравствената заштита.
– Пациентите и нивните претставници се наши партнери во создавањето подобар здравствен систем. Преку отворен дијалог и заедничка работа ќе продолжиме да создаваме системски, одржливи решенија, во кои пациентот ќе биде во центарот на секоја одлука – истакна заменик-министерот Андовски.