ПЕТ-СКЕНОТ ПОВТОРНО РАБОТИ, ДЕНЕСКА СЕ СНИМААТ 9 ПАЦИЕНТИ Се бара испорака на радиоизотоп од Софија за снимања во сабота
ПЕТ-скенот од денеска повторно работи, а за снимање се закажани девет пациенти. Неопходната количина радиоизотоп пристигнала од Истанбул, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски. Министерството бара и дополнителен извор за снабдување од Софија.
Од денеска почна да работи ПЕТ-скенот, закажани се девет пациенти. Денеска е донесена неопходната количина на радиоизотопот од Истанбул. Комуницираме и со Софија, бидејќи Истанбул работи од понеделник до четврток, сакаме да обезбедиме и алтернатива на Истанбул за да можеме ПЕТ-скенот да работи во сабота, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
ПЕТ-скенот, појасни министерот, во изминатите години работел приближно 2.100 до 2.200 снимања годишно.
– Минатата година со новото раководство е постигнат рекордот од 2.700 снимања, што приближно е максимумот што може една камера да постигне. До започнување, прво на редовното сервисирање на ПЕТ-скенот, се направени околу 1.100 снимки и со забрзана работа верувам дека можеме да стигнеме до 2.200 до 2.300 снимки оваа година. Според статистиките од референтни земји како Хрватска, ние треба да таргетираме околу 5.000 до 6.000 снимки годишно, бидејќи тоа не е неопходно само за пациентите онколошки и хематолошки, ПЕТ-скенот има употреба и во неврологија. Сега заради приоритизирање, нормално, прв приоритет се онколошките пациенти – рече Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека на онколозите им се достапни други методи на следење на болеста и од негово искуство, потребно е да се користат различни методи во различни периоди, бидејќи нема една метода што ги покрива сите состојби.
– Јас сум во комуникација со ПЕТ-центарот и со трите најзасегнати клиники: Онкологија, Хематологија и Неврологија, и работиме на тоа да одат работите непрекинато. Ние мораме да најдеме механизам, бидејќи секако секоја година има редовен сервис, значи надвор од непланираните сервиси, и да видиме со која методологија ќе се пристапи и да конечно пристапиме. Повеќе пати го зборувам тој дел, да набавиме втора ПЕТ-камера и алтернативни планови за снабдување ако циклотронот е во репарација или се расипе – истакна Клековски.
На прашање дали ќе се продолжи со по девет до десет 10 пациенти дневно, тој го потврди тоа.
– Да, сега се обидуваме да ја премостиме сабота, бидејќи центарот од Истанбул не може да испорача. Знаете дека тој изотоп е со краток животен век, мора да се врши дневна испорака, така што работиме на тоа и се надевам дека набрзо ќе имаме позитивен одговор и од Софија – рече Клековски.
Тој очекува наскоро да се реши и проблемот со циклотронот.