ПРИ ЧЕЛЕН УДАР СО 70 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС И ПОВЕЌЕ, МОЖНОСТА ЗА ПРЕЖИВУВАЊЕ Е НУЛА Македонија има катастрофална статистика за жртви од сообраќајки
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упати апел до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, односно дозволената брзина, посочувајќи дека бројот на сообраќајни жртви во оваа година, во првото тромесечје, е сличен како и бројот на жртви лани.
Голема неприлагодена брзина е причината за трагедијата која вчера се случи на патот Кичево-Гостивар, а во која загинаа 3 лица. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
– Три лица го загубија животот. Според првичните информации кои ги добив, станува збор за огромна неприлагодена брзина од страна на еден на учесниците во сообраќајот, кој, за жал, е починат. Бројот на сообраќајни жртви во оваа година, во првото тромесечје, е сличен како и бројот на жртви лани. Со тоа што можам да кажам дека бројките се катастрофални во споредба со европските стандарди – рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој упати апел до возачите.
– Да ги почитуваат сообраќајните правила, односно дозволената брзина, бидејќи експертите тврдат дека кога се управува возило со брзина над 70 км/час, а има челни удари како вчера, можноста за преживување е нула – додаде тој.