ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА Е ОСОМНИЧЕНА ВО СЛУЧАЈОТ „АДИТИВ“ Мерки за претпазливост за Татјана Димитровска
Во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување истрага за уште три лица. Околу делата што им се ставаат на товар и дејствијата што ги преземале ќе бидете информирани во текот на утрешниот ден - велат од Јавното обвинителство.
Претседателката на Комисијата за спречување корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, приведена е попладнево како дел од акцијата „Адитив“, дознава Плусинфо од извори во Кривичен суд.
– Точно е, претседателката на ДКСК во моментов е во Кривичен суд и за неа е доставен и прифатен е предлог за определување мерки за претпазливост. Значи, не е определен притвор, туку само мерки за претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, как и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело – изјавија од Кривичен суд.
Информацијата ја потврди и Јавното обвинителство.
– Во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување истрага за уште три лица. Околу делата што им се ставаат на товар и дејствијата што ги преземале ќе бидете информирани во текот на утрешниот ден – велат од Јавното обвинителство.
За потсетување, случајот „Адитив“ претставува еден од најголемите скандали поврзани со јавни набавки и организиран криминал во Македонија во последните години. Станува збор за корупциска афера поврзана со набавка на адитиви за јаглен за потребите на РЕК Битола и за РЕК Осломеј, во која се инволвирани високи службеници и бизнисмени.
Во февруари 2025 година, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против 31 физичко и 5 правни лица. Обвинетите се товарат за кривични дела како што се: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и овластување, злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, и перење пари и други приноси од казниво дело.
Според обвинителниот акт, во периодот од април 2023 до август 2024 година, дел од обвинетите, во својство на службени лица, создале група со цел вршење на горенаведените кривични дела. Тие, заедно со управители и сопственици на правни лица, организирале и извршиле пререгистрација на дејност на нивните правни субјекти, со цел да се претстават како економски оператори – учесници во постапки за јавни набавки. Преку договарање со други можни учесници, свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, со што овозможиле на одредени правни лица да ги добијат договорите за јавна набавка на адитиви за јаглен.
Меѓу обвинетите се наоѓаат поранешни директори и високи службеници на АД ЕСМ, како и управители и сопственици на правни лица од различни градови во Македонија. Имено, обвинети се лица како В.К. (55), В.С. (57), А.М. (44), П.М. (46), Н.С. (48), и други. Од нив, 21 лице се лишени од слобода, а за две се преземаат мерки за пронаоѓање.