АНДОНОВСКА СО ОСТАР НАПАД КОН ОПОЗИЦИЈАТА Оние што го распаднаа системот денес создаваат хистерија за Гостивар

Директорката на ИЈЗ Марија Андоновска ги отфрли обвинувањата на опозицијата за состојбата со водата во Гостивар и порача дека Владата презема мерки што требало да ги реализира Општина Гостивар, додека институциите остануваат фокусирани на стабилизирање на состојбата.

0

Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, остро ги отфрли обвинувањата на опозицијата поврзани со состојбата со водата за пиење во Гостивар, оценувајќи дека станува збор за обид за создавање хистерија и дефокусирање од вистинските причини за проблемот.

Во гостување во централниот Дневник на телевизија Сител, Андоновска изјави дека критиките кон Институтот за јавно здравје се неосновани и политички мотивирани.






– Во однос на контролата и надлежноста на Институтот, самите обвинувања се неосновани. Мотивот за сето тоа мислам дека знам од каде доаѓа, затоа што оние кои оставија една распадната држава, еден распаднат систем и распаднати институции, нема пора во општеството што ја оставија функционална – изјави Андоновска.

Таа посочи дека кога ја презела функцијата директор на Институтот за јавно здравје, институцијата се соочувала со сериозни проблеми.

– Јас дојдов во време кога беа прогласени епидемии на пертусис и во Куманово и во Скопје. Во Институтот немаше ниту еден реагенс. Замислете, немаше ниту еден реагенс за да може да се дијагностицира дали некој има пертусис и да му се даде соодветна терапија – рече Андоновска.

Според неа, претходното раководство оставило и сериозен еколошки проблем.

– Истите тие што денес создаваат проблеми и креираат хистерија, во Институтот оставија десет тони опасен хемиски отпад, непрописно складиран во кругот на Клиничкиот центар, со паднат покрив. Отпадот веќе почнал да испарува и, според стручните лица, можел да предизвика сериозни здравствени последици. Постоела опасност и од хаварија и експлозија од големи размери – истакна таа.

Андоновска оцени дека лицата кои, како што рече, го довеле системот во таква состојба, денес ја користат ситуацијата за политички напади.

– Тие што ги креирале проблемите и го распаднале системот, денес обвинуваат за повторно да го дефокусираат вниманието од вистинските причинители – рече директорката на ИЈЗ.

Таа нагласи дека во моментот најважно е институциите да останат фокусирани на справување со кризата, а не на политички препукувања.

– Најважно е да престанат со хистеријата што ја создаваат, затоа што таа никому не му помага. Не понудија ниту едно решение и со ништо не придонесуваат, освен што создаваат паника кај граѓаните – изјави Андоновска.

Според неа, Владата во моментов ги презема сите активности што требало да ги реализира локалната самоуправа.

– Од друга страна, Владата ги презема обврските што треба да ги има општината – формиран е кризен штаб, вклучени се повеќе институции за што побрзо да се стабилизира здравствената состојба и граѓаните повторно да добијат безбедна вода за пиење – истакна Андоновска.

Таа изрази уверување дека институциите ќе останат посветени на решавање на проблемот.

– Верувам дека институциите ќе останат фокусирани, нема да бидат дефокусирани од овие неаргументирани напади и ќе ја стабилизираат состојбата, а во иднина и целокупниот систем што ни беше оставен во лоша состојба – рече Андоновска.

Поврзани содржини