📽️ 📷 РАКЕТЕН НАПАД ВО БЛИЗИНА НА КИЕВ Москва тврди дека уништила изложба на дронови, Киев зборува за цивилни жртви

Русија соопшти дека погодила објект каде, според неа, биле претставени беспилотни летала за напади врз руска територија, додека Украина извести за најмалку 10 загинати и околу 100 повредени во нападот.

0

Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите сили извеле напад со високопрецизно оружје со голем дострел врз објект во предградие на Киев, каде што, според Москва, се одржувала демонстрација на беспилотни летала користени за напади врз цивилни цели во Русија, пренесува ТАСС.

Според руското соопштение, во објектот биле изложени напредни модели на беспилотни летала од украинско и странско производство, кои, како што тврди Москва, се користеле за изведување напади врз руска територија.






Од руското Министерство за одбрана наведуваат дека во моментот на нападот во објектот биле присутни водечки експерти и производители на беспилотни летала, претставници на Командата на Силите за беспилотни системи на украинската армија, како и припадници на украинските специјални служби.

 

Руските тврдења засега не се независно потврдени.

Од украинска страна, властите соопштија дека Русија извела ракетен напад врз полигон во Киевската област додека таму се одржувал настан, без да откријат дополнителни детали.

Според украинските информации, во нападот загинале најмалку 10 лица, а околу 100 се повредени.

Основачот на украинската компанија за производство на дронови „Ферст контакт“, Валериј Боровик, за украинските медиуми изјави дека ракета погодила учебен полигон на кој се одржувала изложба на одбранбената индустрија.

 

Гувернерот на Киевската област, Руслан Олијник, исто така изјави дека, според првичните информации, балистичка ракета погодила приватен полигон каде што во тој момент се одржувал настан.

Украинскиот Совет на одбранбената индустрија соопшти дека нападот бил извршен во момент кога на полигонот биле собрани претставници на украинскиот воено-индустриски сектор, нагласувајќи дека Советот не бил организатор на настанот.

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не објави детали за нападнатиот објект, но изјави дека надлежните служби утврдуваат што точно се случило.

„Во Киевската област е во тек спасувачка операција по рускиот ракетен напад“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Телеграм.

Поврзани содржини