Прајм-тајмот резервиран за политичари, за турски серии и за турбофолк „богови“
„Политиката, во спрега со медиумите, е најголемиот виновник за тоа што имаме ваква естрада. Сè додека во прајм-тајмот, од 18 до 23 часот, немаме сопствена домашна продукција од забавен карактер, ток-шоуа, забавни емисии, сè додека телевизиите вложуваат во турски серии и во дебатни емисии, македонската музика нема да има видливост“, вели Антонио Димитриевски.
Понижувачкиот однос на мејнстрим медиумите, во спрега со политиката во Македонија, придонесуваат за апсолутно отсуство на домашната музика од сцената. За ова во првото продолжение од серијалот насловен „Каде исчезна македонската музика“ сведочеа популарната пејачка и глумица Ана Костовска, легендарниот композитор Григор Копров, познатиот композитор и продуцент Александар Масевски, како и музичкиот менаџер Васко Спасоски.
Антонио Димитриевски е познат македонски шоумен и телевизиски водител. Тој вели дека евтините турски серии и разните телевизиски шоуа од регионот им носат сигурни пари на телевизиите, но го уриваат достоинството на гледачите.
– Политиката, во спрега со медиумите, е најголемиот виновник за тоа што имаме ваква естрада. Таа не е воопшто лоша по квалитет (не по квантитет), но сè додека во прајм-тајмот, од 18 до 23 часот, немаме сопствена домашна продукција од забавен карактер, ток-шоуа, забавни емисии, сè додека телевизиите вложуваат во турски серии и во дебатни емисии, македонската музика нема да има видливост – смета Димитриевски.
Исплатливоста и брзиот ќар изгледа сè уште го имаат последниот збор, дури и во големите телевизиски куќи.
– Наместо да вложат во сопствена продукција, поисплатливо и наметнато им е да ги купуваат програмите од странските телевизии. Тоа значи дека проблемот не е во естрадата, не е во домашната продукција на музика, забавни емисии, серии и слично, туку во промоцијата и во пласманот на нашето – смета Димитриевски.

Од каде потребата дури и странскиот шунд да се воздигнува до степен на божество? Каде е мерата во нашето општество?
– Тука влегуваат во игра и медиумите, кои, чест на исклучоците, најчесто бомбардираат со шоу програми и вести за ѕвездите од соседството, кои се глорифицирани до степен на богови и се толку „важни и квалитетни“ личности, што се известува дури и за свадбите на нивните деца, за снаите, за зетовците итн. Патетика на тони, а за мене поразувачки е што зборувајќи за темава, морам да се соочам со фактот дека зборувам за „ѕвезди“ кои кај мене не будат никаков интерес, ни восхит и чијашто музика лично воопшто не ја слушам. Небаре зборуваме за некои ѕвезди од светски калибар – резигнирано вели композиторот Александар Масевски.
Не мораш да правиш домашни серии, законот вели – можеш и да нахсинхронизираш?!
Погрешната политика на државата кон естрадата воопшто можеби најдобро се отсликува со третманот на прескромната домашна продукција на телевизиски серии и забавни емисии. За разлика од соседните земји, каде што доминираат серии и емисии од домашна продукција, во Македонија има едно погубно законско решение: ако нахсинхронизираш турска или каква било серија, тоа законски се смета за домашна продукција. И оп, „квотата за култура“ е исполнета.
– Закон има и кај нас, но направија финта, нахсинхронизацијата на турските серии да се третира како сопствена продукција. Тоа никако не може да биде продукција. Всушност, политиката тоа им го дозволи на телевизиите, за да ги стави под свое. Таа симбиоза му наштети на естрадниот, но и на културниот и во поширока смисла, на националниот идентитет на Македонија – додава Антонио Димитриевски.
Србите, на пример, освен што имаат завидна филмска продукција, имаат и серии и разни други шоуа. Во Грција, пак, има ред.
– И во Грција има турски серии. Но, нив можеш да ги гледаш до 15.30 или до 16 часот. Од 18 до 23 часот, времето кое го нарекуваме прајм-тајм, е резервирано за програми од домашна продукција: серии, квизови, забавни емисии, ток-шоуа – објаснува тој.
Дека кај соседите многу сериозно се третира домашното, макар тоа било неквалитетно, потврдува и Григор Копров:
– Нема тука нешто специјално за мудрување. Кога сте во Словенија, или во Хрватска, на пример, слушате дека радијата и медиумите пуштаат главно нивна, домашна музика. Бев во Шибеник, таму речиси и да не можеш да слушнеш ништо друго освен хрватска музика – вели тој.
И Александар Масевски смета дека тоа е прашање на стратегија.
– Кога сме веќе кај земјите околу нас, зошто не се угледаме малку на нивната стратегија? Најголем дел од музиката што ја пуштаат тие е од сопствена продукција, од домашни артисти – вели тој.
Има ли шанса за „реинкарнација“?
Македонските музички ѕвезди се безмалку невидливи. Со мали исклучоци, нивните концерти се ретки и малку посетени. Хонорарите се понижувачки. Од друга страна, во рацете на ѕвездите од регионот, кои ги полнат летните концертни сали, се слеваат огромни пари, главно дадени на рака. И тука нема данок, нема никакви давачки кон земјата домаќин. Нема подобра промоција за општината, а и да се исперат пари од разни „спонзори“, од тоа да се викне некоја старо-нова „цеца“ од регионот и да се преплати.
Зошто по ова сме уникатни во регионот? Како тоа го прават нашите соседи? Или, уште подобро, како една Шведска или Исланд стануваат фактори во светската музика? Каква е таа државна стратегија која би можела ги вмрежи куќите, со закон да ги крене хонорарите, за да не мораат музичарите од Македонија да бидат само „хобисти“?
Можно ли е, на некој начин, да се угледаме на стратегијата на македонските власти од 1970-тите години, кога македонската музичка сцена буквално е подигната како државен проект? Да се посетиме: заради потребите на Македонското радио, во 1960-тите години се мотивираат домашни музичари да репродуцираат странска музика, а веќе во 1968 година почнува Скопскиот фестивал, кој во наредните 10 години ќе промовира неверојатно богата и за тогашните ју-стандарди извонредно квалитетна музичка продукција. Кога човек ги слуша тие незаборавни хитови, па и хитовите во златните години на Макфест и од другите „фабрики“ за производство за македонска музика, му се наметнува прашањето – може ли да се повтори еден таков потфат?
(Утре: Понижувања за нашите ѕвезди, кеш на рака за разни цеци-меци)