ПОЖАРИТЕ НА ИМОТИТЕ НА КИТ СТАРМЕР ГИ ПОДМЕТНУВАЛЕ УКРАИНЦИ Москва порача – не барајте ја нашата рака во сѐ
Украински државјанин во понеделникот беше прогласен за виновен од британски суд за извршување на палежите по налог на мистериозна личност која ја познавал само под прекарот „Ел Мани“.
Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека палежите на имоти поврзани со британскиот премиер Кир Стармер, извршени во мај минатата година, биле дело на украински државјани и дека нема потреба „раката на Кремљ“ да се бара зад секој инцидент.
Украински државјанин во понеделникот беше прогласен за виновен од британски суд за извршување на палежите по налог на мистериозна личност која ја познавал само под прекарот „Ел Мани“.
Според Би-Би-Си, зад нападите стои Русија.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска на брифинг во Москва ги отфрли таквите обвинувања.
– Ги уапсивте ли украинските државјани кои ја запалија резиденцијата на Стармер? Наречете ги работите со вистинското име. Кажете дека биле Украинци. Нема потреба раката на Кремљ да се бара во сè – изјави Захарова.
Палежите што ја потресоа британската јавност се случија во периодот меѓу 8 и 12 мај 2025 година во северен Лондон. Првата цел бил автомобил „Тојота РАВ4“ што претходно му припаѓал на британскиот премиер Кир Стармер, а потоа биле запалени влезовите на два имота поврзани со него – една зграда во која порано живеел и куќата во Кентиш Таун што сè уште е во негова сопственост и која во тоа време била издадена под кирија. Во еден од објектите живеела и сестрата на неговата сопруга. Во нападите немало жртви, но британските власти оценија дека постоел сериозен ризик по човечки животи.
За нападите беше обвинет 22-годишниот украински државјанин Роман Лавринович, кој според обвинителството дејствувал заедно со Станислав Карпиук, романски државјанин роден во Украина. Британскиот суд оваа недела ги прогласи двајцата за виновни за заговор за извршување палежи, додека третиот обвинет, Петро Починок, беше ослободен од обвиненијата. Според доказите изнесени на судењето, Лавринович добивал инструкции преку апликацијата Телеграм од лице кое го познавал само под прекарот „Ел Мани“, а за извршувањето на нападите му биле ветени парични надоместоци во криптовалути.
Случајот доби и меѓународна димензија откако британски медиуми, меѓу кои и Би-Би-Си, објавија истражувања според кои мистериозниот „Ел Мани“ можеби бил поврзан со руска мрежа за саботажи и дезинформации. Британските безбедносни служби проверуваат дали нападите биле дел од поширока операција за дестабилизација, а дел од медиумите објавија дека трагите водат кон лица и групи блиски до Русија. Москва ги отфрла ваквите обвинувања како неосновани и тврди дека одговорноста е кај директните извршители, кои се украински државјани.