ПОРТОКАЛОВ АЛАРМ ВО ЦЕЛА ЗЕМЈА Температурите одат до 40 степени, можно е и невреме

Температурите ќе достигнат до 40 степени, на сила е портокалово ниво на опасност, а во попладневните часови можно е локално невреме со дожд и грмежи.

0

Македонија ја очекува уште еден исклучително топол ден со температури кои на повеќе места ќе достигнат до 40 степени, а Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува дека е активно портокалово ниво на опасност поради високите температури.

Според прогнозата, времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови локално ќе има развој на нестабилна облачност, проследена со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи.






Утринските температури ќе се движат од 12 до 20 степени, додека дневните ќе достигнат од 33 до 40 степени. Високите температури ќе се задржат и во текот на ноќта, што дополнително ќе го отежне разладувањето на воздухот.

Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе достигнува брзина до 40 километри на час.

Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Температурата ќе се движи од минимални 18 до максимални 39 степени, а ќе дува слаб до умерен северен ветер.

Жешкото време ќе продолжи и во текот на викендот и на почетокот од следната седмица. Во недела повторно ќе биде сончево и многу топло, а попладне локално се очекува развој на нестабилност со краткотраен дожд и грмежи. Максималните температури ќе се движат меѓу 33 и 39 степени.

Слични временски услови се прогнозираат и на почетокот на новата работна седмица, кога ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност и температури до 39 степени.

Поради високите температури, надлежните препорачуваат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да бидат особено внимателни доколку припаѓаат на ранливите категории на население.

Поврзани содржини