По 25 години од Рамковниот договор време е од етничка аритметика да преминеме кон граѓанска држава

Дваесет и пет години по Охридскиот рамковен договор, Македонија мора да има храброст да премине во следната фаза од својот демократски развој. Јавно искажаните ставови на двајцата вицепремиери се добар почеток, но нивната вистинска вредност ќе се мери според тоа дали ќе бидат преточени во конкретна политика. Само така соживотот за кој денес зборуваме ќе престане да значи дека живееме едни покрај други и навистина ќе значи дека живееме заедно како рамноправни граѓани на една иста држава.

138

Дваесет и пет години се доволно долг период за еден историски и политички договор да престане да се оценува само низ емоциите, стравовите и политичките околности во кои бил создаден и да почне да се оценува според она што навистина го произвел во општеството. Затоа пораките што ги слушнавме по повод 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор заслужуваат внимание.

Беким Сали порача дека различноста не треба да ја гледаме како слабост, туку како вредност и дека соживотот не значи само да живееме едни покрај други, туку „едни со други и едни за други“. Александар Николоски, пак, нагласи дека Рамковниот договор не бил договор на победници и поразени и предупреди на политичари кои етничките поделби и национализмот ги употребувале за сопствени политички интереси.






Таквиот тон го поздравувам. Но не затоа што сметам дека по 25 години треба повторно некритички да го величаме Охридскиот рамковен договор. Напротив. Го поздравувам затоа што можеби претставува навестување дека конечно созрева политичка свест дека Договорот не е политичка сопственост на една партија, една етничка заедница или еден коалициски партнер.

И уште поважно, дека неговата имплементација не може бесконечно да биде оправдување за проширување на етничките барања, создавање политички привилегии и механизми кои во самиот Договор никогаш не биле предвидени.

Договорот го запре конфликтот, но неговата имплементација мора да се оценува критички

Дваесет години години по ред, јавни анализирајќи ги позитивните и негативните последици од Рамковниот договор, укажав дека неговата најголема историска придобивка беше отфрлањето на вооруженото насилство како средство за остварување политички цели и прекинувањето на вооружените судири.

Истовремено предупредив дека начинот на кој Договорот подоцна беше политички толкуван и селективно применуван создава сериозни проблеми за мултиетничкиот и граѓанскиот карактер на државата.

Тогаш предупредив и дека Македонија постепено се турка кон модел во кој политичките односи сè повеќе се сведуваат на односи меѓу Македонците и Албанците, додека Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и другите заедници се ставаат во втор план.

Пет години подоцна немам причина да се откажам од таа теза. Напротив, сметам дека токму 25-годишнината е момент кога треба мирно, рационално и без етнички страсти да се постави прашањето: дали одредени механизми создадени во 2001 година и практиките изградени подоцна треба непроменети да ги пренесуваме во следните децении или конечно треба да започнеме со нивно демократско, уставно и институционално преиспитување?

Рамковниот договор не е бланко-меница

Охридскиот рамковен договор не е и не смее да стане бланко-меница што секоја нова генерација политичари ќе ја дополнува со нови барања.

Постои суштинска разлика меѓу заштита на правата и создавање привилегии. Постои разлика меѓу рамноправност и политичко условување. Постои разлика меѓу заштита на етничкиот идентитет и претворање на етничката припадност во трајна политичка валута за функции, вработувања, институционално влијание и нови законски исклучоци.

Затоа секогаш кога ќе се појави ново барање треба да поставиме три едноставни прашања: Каде го пишува тоа во Рамковниот договор? Каде го пишува тоа во Уставот? И дали истото право, под еднакви услови, би им го признале на сите други граѓани и заедници? Ако одговорот е негативен, тогаш не станува збор за имплементација на Рамковниот договор, туку за негово политичко проширување. А тоа мора да престане.

Мајскиот договор, кој заврши во кантата на политичката историја, треба вечно да остане таму

Особено е време да се напушти митот за т.н. Мајски договор како некаква трајна обврска според која најголемата албанска политичка партија автоматски треба да биде дел од секоја влада. Политичкиот договор меѓу Никола Груевски и Али Ахмети од мај 2007 година произлезе од конкретна политичка ситуација и вон-институционални преговори меѓу политички лидери. Но такво правило не е дел од Охридскиот рамковен договор, ниту произлегува од Уставот.

Неформален договор меѓу двајца партиски лидери не може со текот на времето да се претвори во непишана уставна норма. Ниту една македонска партија нема однапред гарантирано место во власта. Зошто тогаш би го имала која било албанска партија? Владата се формира врз основа на парламентарно мнозинство, во согласност со Уставот, а не врз основа на етнички автоматизам. Тоа правило мора да важи и денес и утре, без оглед дали станува збор за ДУИ, ВЛЕН или некоја трета политичка структура што ќе се појави во иднина.

ВЛЕН има можност да покаже поинаква политичка култура

Токму затоа изјавата на Беким Сали може да има поголемо значење од една пригодна порака за годишнина. Ако тоа е вистинскиот политички правец на ВЛЕН, тогаш тој треба да биде поздравен.

Албанското политичко претставување не мора постојано да се легитимира преку нови и нови етнички барања. Албанците во Македонија не се само припадници на етничка заедница. Тие се граѓани на оваа држава, работници, професори, лекари, правници, земјоделци, претприемачи, студенти и пензионери. И тие, исто како Македонците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други, имаат потреба од правна држава, ефикасна администрација, добро образование, функционално здравство, економски развој и перспектива за своите деца.

Затоа е крајно време и албанската политичка сцена постепено да се ослободува од етничките стеги во кои политичките елити со децении ги држеа своите избирачи. На граѓанинот не му помагате ако постојано му кажувате дека неговиот најголем проблем е што нема уште едно колективно етничко право.

Неговата грижа е да има пристојна плата. Да има функционално здравство. Да верува во судството. Неговото дете да не мора иднината да ја бара во странство. Да има администрација која ќе му служи, а не администрација која е партизирана и неефикасна.

Тоа не се македонски или албански проблеми. Тоа се секојдневни граѓански проблеми.

И Тетово мора да биде дел од таа промена

Токму затоа новиот политички пристап ќе биде уверлив само ако се потврди во практиката. Тоа подразбира престанок на радикализирачката етничка реторика од секој политички функционер, без разлика на неговата етничка или партиска припадност. Тоа важи и за градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Кога политичките пораки на кој било градоначалник, министер или лидер ги продлабочуваат етничките поделби, неговите коалициски и партиски партнери не треба да молчат само затоа што им е потребна неговата политичка поддршка. Исто така, ниту една локална или дел од централната власт не смее да добие простор законите да ги толкува или применува според етнички интерес.

Законот или важи за сите или престанува да биде закон.

Ако нешто е незаконско кога го прави Македонец, мора да биде незаконско и кога го прави Албанец. Ако некое право му следува на Албанецот, под еднакви услови мора да му следува и на секој друг граѓанин кога се исполнети истите правни претпоставки. Тоа е граѓанска држава.

Во таа насока, во најблиска иднина мора да се отвори и прашањето за составот на Комитетот за односи меѓу заедниците. Сегашниот модел, со паритетна застапеност на Македонците и Албанците со по седум членови, наспроти по еден претставник на останатите заедници, институционално ја фаворизира бинационалната логика и не соодветствува со концептот на вистински мултиетничка држава.

На ова укажувам уште од самото внесување на решенијата од Рамковниот договор во Уставот. Затоа овој модел мора да претрпи консензуална уставна измена, постигната преку сериозна и инклузивна дебата, ослободена од дневнополитички и партиски калкулации. Тоа би било целосно во духот на вчерашните пораки дека различноста треба да нè обединува, а не институционално да нè дели на две доминантно застапени заедници, оставајќи ги останатите во втор план.

Еднакви права значат и еднакви правила

Истото важи и за барањата одредени права или процедури да се приспособуваат исклучиво на потребите на една етничка заедница. Во јавноста веќе беше отворено барањето правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Тогаш логично се поставува прашањето: А зошто не и на турски, српски, ромски, влашки или босански јазик?

Ако принципот е дека секој треба да има право професионален државен испит да го полага на својот мајчин јазик, тогаш тоа право мора да биде еднакво достапно за сите. Но ако тоа не можеме да го обезбедиме за сите, тогаш мора јасно да правиме разлика меѓу јазично право и посебна етничка привилегија.

Правото секој слободно да го употребува, негува и развива својот јазик мора да биде неспорно. Но професионалниот стандард за работа во единствен државен и правен систем е друго прашање. Не може секое ново политичко барање автоматски да се прогласува за обврска што произлегува од „духот на Рамковниот“. Особено не ако истото право не сме подготвени да им го дадеме на сите останати.

Правичната застапеност не смее да го поништи мерит-системот

Една од најчувствителните теми е принципот на соодветна и правична застапеност. Уставот зборува за „соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници“ во органите на државната власт и јавните институции. Но Уставот не вели дека етничката припадност треба да биде поважна од стручноста. Не вели дека мора да се вработи неквалификуван кандидат за да се исполни процент, ниту дека квотата треба да го суспендира професионалниот критериум.

И токму тука во изминатите години направивме една од најголемите грешки. Од инструмент кој требаше да спречи дискриминација и да овозможи рамноправен пристап до јавните институции, правичната застапеност премногу често ја сведувавме на етничка аритметика. А кога процентот ќе стане поважен од знаењето, способноста, образованието, интегритетот и работните резултати, цената ја плаќаме сите ние граѓаните. Затоа добивме обемна, партизирана, скапа и недоволно функционална администрација.

Отсега натаму правичната застапеност треба да значи: еднаква можност за пристап, забрана на дискриминација, транспарентни конкурси и еднакви професионални критериуми за сите. А потоа нека победи најдобриот кандидат, без разлика дали се вика Јован, Арбен, Ахмет, Милан, Џавид или Светомир.

Државната администрација не смее да биде етнографски попис. Таа мора да биде професионален сервис на граѓаните.

Од вербален соживот кон граѓанско заедништво

Во моите досегашни текстови и изјави по повод годишнините од Рамковниот договор укажував дека на Македонија ѝ е потребна институционална динамика која ќе ја намалува етнификацијата на политичкиот систем и ќе ја поттикнува соработката меѓу заедниците. Денес сум уште поубеден дека тоа е вистинскиот пат.

Нам не ни треба држава во која Македонците постојано ги бројат Албанците, Албанците ги бројат Македонците, а политичарите ги бројат функциите што им припаѓаат според етничкиот клуч. Ни треба држава во која етничката припадност е слободно, достоинствено и целосно заштитено право на секој човек, но не и билет за функција, работно место или политичка привилегија.

Затоа сакам пораките на Сали и Николоски да ги разберам како можен почеток на еден нов политички пристап. Пристап во кој Рамковниот договор нема да се негира, но нема ниту бесконечно да се проширува. Потребно е негово конечно ослободување од дневната политика и враќање кон она што требаше да биде неговата крајна цел а тое е мирно, стабилно, демократско, интегрирано и функционално општество во кое граѓаните ќе бидат еднакви пред институциите.

Дваесет и пет години по Охридскиот рамковен договор, Македонија мора да има храброст да премине во следната фаза од својот демократски развој. Јавно искажаните ставови на двајцата вицепремиери се добар почеток, но нивната вистинска вредност ќе се мери според тоа дали ќе бидат преточени во конкретна политика. Само така соживотот за кој денес зборуваме ќе престане да значи дека живееме едни покрај други и навистина ќе значи дека живееме заедно како рамноправни граѓани на една иста држава.

 

Поврзани содржини