ПЕТ ПОЖАРИ БЕСНЕАТ ВО ЗЕМЈАВА, ТРИ ПОД КОНТРОЛА Огнот зафати шума и ниска вегетација на повеќе локации
До 13 часот се регистрирани девет пожари на отворен простор, а огнот на дел од локациите зафатил мешана и борова шума, ниска вегетација, депонии и стрништа.
Во земјава се активни пет пожари на отворен простор, а уште три се ставени под контрола, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информацијата до 13:00 часот денеска, 12 август, регистрирани се вкупно девет пожари на отворен простор. Од нив, пет се активни, три се под контрола, а еден пожар е изгаснат.
Најсериозна е состојбата во општина Македонски Брод, каде пожарот кај местото Видуш, во близина на селото Драгов Дол, зафатил ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Активен е и пожарот во општина Студеничани, над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде гори мешана шума.
Огнена линија има и во населбата Илинден, во општина Илинден, каде пожарот зафатил ниска вегетација.
Во општина Желино, активен е пожарот кај селото Чифлик, каде гори ниска вегетација и мешана шума.
Петтиот активен пожар е регистриран во општина Битола, во близина на селото Букри, каде гори ниска вегетација.
Под контрола се три пожари.
Во Делчево гори градската депонија, додека во Ново Село, на планината Огражден, пожарот зафатил депонија, мешана деградирана шума и ниска вегетација.
Пожар е ставен под контрола и во село Зајас, општина Кичево, каде гореле стрниште, борова шума и гуми.
Единствениот пожар кој до 13:00 часот е целосно изгаснат бил во село Врањовце, општина Врапчиште, каде горела ниска вегетација.
Состојбата со пожарите се следи од надлежните служби, а информациите за нивната состојба се менуваат во текот на денот.