ПЕТ МИНИСТЕРСТВА ПОТПИШАА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НАСИЛСТВО МЕЃУ МЛАДИТЕ Врсничкото насилство е предизвик за целото општество
Насилството меѓу младите постоело и веројатно е дека ќе постои, а задача на институциите е да се сведе на колку што е можно пониско ниво, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Пет министерства – за образование и наука, за спорт, за внатрешни работи, за социјална политика, демографија и млади и за дигитална трансформација, заедно со партнерски установи, невладини организации, пратеници и други членови на Националната работна група за превенција на насилство кај младите, која работи со поддршка на ОБСЕ, денеска потпишаа декларација за намери за превенција на насилство кај младите.
Документот треба да поттикне уште посилна заедничка акција за справување со овој голем општествен предизвик. Потписниците потврдија дека ќе се заложат за градење безбедна училишна средина, едукација за ненасилна комуникација, превенција во спортот, дигитална безбедност, ментално здравје и психосоцијална поддршка, посилна координација и за одговорност меѓу институциите.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека насилството меѓу младите постоело и веројатно е дека ќе постои, а задача на институциите е да се сведе на колку што е можно пониско ниво. Како што истакна, низ годините наназад е граден механизам за справување со врсничкото насилство, кој особено во изминатите две години е значително унапреден.
– Направивме законски измени согласно кои училиштата се должни во своите годишни програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слични активности за подигнување на свеста за мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување. Ги зајакнавме стручните служби со ангажирање кадар онаму каде недостигаше и со обуки за вештини за превенирање насилство, а ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во дворовите – рече министерката Јаневска.
Таа потсети дека со приватниот сектор е подготвен прирачник за наставници и стручни соработници за справување со врсничко насилство, базиран на ефективни одговори на примери од пракса, како и прирачник за справување со сајбер насилство.
– Младите не стануваат агресивни во училиште, туку агресијата ја носат однадвор или поточно – најчесто од семејството. Во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште – додаде Јаневска.
Таа најави дека многу скоро ќе почне мултиресорска кампања за справување со семејно и врсничко насилство.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани порача дека превенцијата на насилството кај младите бара координиран, системски и заеднички одговор од сите институции и општествени чинители.
– Насилството кај младите не е проблем на една институција, туку предизвик за целото општество и затоа нашиот одговор мора да биде заеднички, координиран и одлучен. Потпишувањето на декларацијата претставува обврска за создавање безбедна средина за младите – рече Лимани.
Тој потенцира дека младите треба да имаат активна улога во креирањето на политиките, а институциите да обезбедат системска поддршка, вклучително и во образованието, менталното здравје и дигиталната безбедност.
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, врсничкото насилство бара сериозен институционален одговор. Тој нагласи дека полицијата веќе е поинтензивно присутна на терен.
– Врсничкото насилство бара сериозен одговор од повеќе институции. Станува збор за појава што зема замав и мораме да одговориме со заеднички сили. Полицијата е во постојана комуникација со училиштата и има засилено присуство меѓу учениците – потенцира Тошковски.
Тој посочи дека институциите мора да дадат заеднички одговор за да се постигнат подобри резултати во иднина.
Амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, ја истакна важноста од партнерството меѓу институциите и меѓународната заедница во насока на превенција на насилството и создавање побезбедна средина за младите. Тој го поздрави силниот ангажман на надлежните министри и го оцени денешното потпишување на декларацијата како прв чекор, кој мора да биде проследен со решителна акција.
– Најважно е младите да бидат слушнати, да имаат глас и да живеат во средина без страв и насилство – нагласи Вал, додавајќи дека Мисијата на ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува процесот.
Настанот се одржа во рамките на Националната работна група за превенција на насилство кај младите, која претставува прв национален механизам посветен исклучиво на ова прашање. Работната група е воспоставена од Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со вклученост на институциите, органите за спроведување на законот, како и граѓанскиот и младинскиот сектор.
Со нејзиното формирање се овозможува платформа за координација и за дијалог, со цел системско справување со насилството кај младите преку мапирање ризици, идентификација на приоритети и следење на спроведувањето на мерките.
Работната група има цел да ги зајакне институционалните капацитети и да обезбеди сеопфатен пристап во превенцијата, со активно учество на младите во процесите на одлучување и креирање политики поврзани со нивната безбедност.