Партиите за лајкови на Фејсбук против ширење зараза на митинзите, Пендаровски за одложување на изборите
На митинзите секогаш се пропагира политика која им е позната на граѓаните, а тоа всушност значи дека изборната кампања многу малку го менува расположението кај гласачите, вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.
Лидерите на политичките партии се согласија да нема одложување на изборите, но по цена на тоа што кампањите ќе ги спроведуваат без митинзи и без големи собири. Тие одлучија своите идеи и политички пораки да им ги упатуваат на гласачите преку социјалните мрежи, со цел, како што истакнаа, да се спречи ширењето на коронавирусот.
Ваквото алтернативно решение е прифатливо и за партиите и за граѓаните, тврдат политичките аналитичари, но исто така велат дека кога веќе не се одложуваат изборите, тогаш мора да се изнајде и ефикасна мерка за претпазливост за самиот ден на гласањето.
Сè ќе беше поинаку доколку имавме електронско гласање
Аналитичарот Насер Зибери во изјава за Плусинфо вели дека на митинзите секогаш се пропагира политика која им е позната на граѓаните, па алтернативното решение за водење кампања преку медиумите, додава тој, нема да се одрази негативно ниту врз партиите, ниту врз гласачите.
– Коронавирусот ги натера политичките партии да бараат алтернатива за спроведувањето на кампањата, па сега изборот е или да се води кампања преку социјалните мрежи и преку медиумите, или, пак, да се одложат изборите за некое друго време кога целосно ќе помине заразата. Друго прашање е дали ќе се постигне истиот ефект што го даваат масовните собири, но јас лично сметам дека ниту партиите, ниту граѓаните, нема да изгубат многу ако нема митинзи. На тие собири секогаш се пропагира политика која им е позната на граѓаните, а тоа всушност значи дека изборната кампања многу малку го менува расположението кај гласачите. Не верувам дека оваа мерка ќе претставува некаков сериозен хендикеп, освен, нели, ако во блиска иднина дополнително се влоши состојбата со коронавирусот и да бидеме принудени да ги одложиме изборите. Оти, нели, на денот на изборите ќе мора граѓаните да излезат на гласачките места и лично да го дадат својот глас. За спроведувањето на предизборната кампања постои алтернатива преку интернет, но не постои алтернатива за самото гласање. Сè ќе беше поинаку доколку имавме електронско гласање – објаснува Зибери.
На вчерашната лидерска средба кај техничкиот премиер Оливер Спасовски, првите луѓе на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, и на движењето Беса, Билал Касами, се согласија дека најважно е здравјето на граѓаните и дека максимално ќе ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот.
– Сите политички партии да покажат одговорност пред здравјето на народот, да ги следат препораките на институциите и кампањата за изборите да ја приспособат врз основа на она што е препорачано во мерките – рече Спасовски веднаш по завршувањето на средбата.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, истакна дека неговата партија ќе ја води предизборната кампања преку медиумите и преку социјалните мрежи.
– Здравјето на граѓаните е највисок приоритет за сите институции и политички субјекти – рече Заев.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочи дека кампањата ќе се адаптира на актуелните услови и дека ќе се води на алтернативни начини.
– Ќе имаме алтернативен начин за водење на кампањата, преку социјалните мрежи и преку мас-медиумите – рече Мицкоски.
Ахмети наведе дека и ДУИ нема да организира големи митинзи за предвремените парламентарни избори.
– Електронскиот свет е на највисоко ниво и сите партии може да комуницираат преку електронските средства – изјави Ахмети.
Зијадин Села од Алијансата за Албанците упати порака дека нема потреба од паника.
– Оваа ситуација ќе помине како и сите други. Ова е вирус и последиците од овој вирус не се различни од последиците на сезонските грипови. Нема потреба од паника, луѓето треба да бидат солидарни – рече Села.
Лидерот на Беса, Билал Касами, исто така, посочи дека ќе ги искористат сите други можности за комуникација со гласачите за им ги пренесат нивните пораки и идеи.
Според претседателот Стево Пендаровски, пак, нема да биде ништо страшно ако изборите бидат одложени за некој месец. Тој ова го рече на денешната прес-конференција и ги повика лидерите на партиите уште еднаш да се навратат на ова прашање во наредните 5 до 10 дена.
– Партиските лидери во наредните 5 до 10 дена повторно да се навратат на ова прашање, бидејќи на сите ни е јасно оти апсолутен приоритет во оваа ситуација е здравјето на народот, а не политичките интереси – порача шефот на државата.