ОТВОРЕН ЕДЕН ОД НАЈСОВРЕМЕНИ ДОМОВИ ЗА СТАРИ ЛИЦА ВО РЕГИОНОТ „Оаза“ ќе згрижува до 150 корисници во Општина Илинден
Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски беше пуштен во употреба домот „Оаза“, приватна инвестиција на компанијата „Адора“. Комплексот располага со амбуланта, физикална терапија и современи содржини за достоинствен и активен живот на повозрасните лица.
Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски денеска свечено беше пуштен во употреба Домот за стари лица „Оаза“ на компанијата „Адора“, кој се наоѓа во Општина Илинден.
Обраќајќи се пред присутните, Мицкоски истакна дека станува збор за значајна приватна инвестиција која придонесува за подобрување на услугите и квалитетот на живот на граѓаните.
Тој упати честитки до инвеститорот и сопственикот на домот, нагласувајќи дека вложувањата во вакви проекти претставуваат пример за општествено одговорно претприемништво.
Домот „Оаза“ е приватна институција и претставува најсовремен и најголем дом за стари лица во регионот, со капацитет од 150 корисници, а во прва фаза се започнува со 64 корисници.
Домот нуди концепт на функционирање во кој грижата за повозрасните не подразбира само сместување, туку целосен систем на здравствена, социјална и психофизичка поддршка, достоинствен живот и активно секојдневие.
Во состав на „Оаза“ функционира сопствена амбуланта, амбулантно возило, најсовремено опремена сала за физикална терапија, фризерско студио, како и „Оаза“ кафе-бар — простор за дружење на корисниците, посетителите и нивните семејства. Комплексот е проектиран како самостоен и енергетски ефикасен објект, со современи системи и соларни панели, развиен според европски концепти и искуства стекнати преку посети на установи во Италија и во Швајцарија.