ЏОРЏ КЛУНИ И АМАЛ ЕВАКУИРАНИ ПОРАДИ ПОЖАРИТЕ ВО ФРАНЦИЈА Актерот и неговото семејство морале да го напуштат домот
Холивудскиот актер и неговата сопруга со своите деветгодишни близнаци го напуштија домот во Брњол, поради пожарите што беснеат ширум Европа.
Џорџ и Амал Клуни биле принудени да го напуштат својот дом во Франција поради големите пожари што во моментов зафаќаат делови од Франција, Шпанија, Италија и Грција.
Славниот брачен пар живее со своите деветгодишни близнаци, Александар и Ела, во местото Брњол, во регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег во југоисточна Франција. Нивниот имот се наоѓа во една од областите погодени од пожарите кои деновиве се шират низ јужна Европа.
За евакуацијата Клуни го известил градоначалникот на Брњол преку писмо, што го потврдил и неговиот претставник за медиумите.
– Драг Дидие, во овој момент не знаеме дали нашиот прекрасен дом ќе ја преживее оваа страшна ситуација. Додека го напуштаме Брњол, сакаме да нагласиме две работи: прво, се надеваме дека вие и жителите на нашиот град сте безбедни, и второ – Амал и јас сме цврсто решени, без оглед на тоа што ќе се случи, да останеме дел од оваа заедница и да учествуваме во нејзината обнова. Го сакаме Брњол и нашите пријатели кои живеат таму – порачал актерот, пренесува „Пипл“.
Џорџ Клуни (64) и Амал Клуни (48) својот приватен живот внимателно го држат далеку од очите на јавноста. Сепак, актерот минатата година во интервју за магазинот „Есквајр“ откри дека токму поради децата одлучиле главното живеалиште да им биде фарма во Франција.
– Бев загрижен за растењето на децата во Лос Анџелес и во холивудската култура. Во Франција славата воопшто не е важна. Не сакам да растат оптоварени со папараци и споредби со други деца на славни личности – изјави тогаш Клуни.