ОКОЛУ 3.000 ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ ОД ЛАНИ ЌЕ ИМА ГОДИНАВА Се намалува и бројот на студенти
Во септември ќе има најмалку околу 3.000 првачиња помалку од лани, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Се намалува и бројот на студенти.
– Оваа година бројот на ученици во средните училишта е намален, но не е драстично. Бројките не се дефинитивни зашто има и трет уписен рок во август, но бројката во основно училиште е значително намалена. И таа не е дефинитивна затоа што уште ќе се запишуваат, и се надевам дека малку ќе опадне бројката, но е страшно голема во однос на демографијата. Жал ми е што морам да кажам, но тоа е факт, некаде околу 4.900 првачиња помалку има од лани до оваа година. Колку и да се запишат, уште две да се запишат, ќе бидеме со најмалку 3.000 првачиња помалку. Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја – рече Јаневска.
Во врска со интересот за студирање, Јаневска рече дека во однос на образование, не на пазар на труд, дефицитарни се математика, физика и географија, а во одредени делови во земјата станува проблем македонскиот јазик.
– Пазарот на труд е одлично покриен со информатика, електротехника, машинство, тие се во 90 и повеќе проценти вработени. Имаме недостиг на работни места за дел од општествените науки. Економија е одлично покриена и тие се речиси сите вработени. Право малку послабо, но веќе станува проблем со дел од дел од педагошките, јавна администрација, политички, разни типови на науки, тука веќе вработеноста опаѓа и секоја година опаѓа. Затоа оваа година направивме мала рестрикција во квотите. Факултетите ги распишуваат конкурсите според она што им е одобрено во акредитација – рече Јаневска.