ОД ШАЛТЕРСКА ДО ЕВРОПСКА АДМИНИСТРАЦИЈА Денес зборуваме за резултати, вели Минчев

Истовремено, свесни сме дека современата администрација не се гради само преку прописи, туку пред сè преку луѓето, затоа започнавме процес на воспоставување на Академијата за јавна администрација, вели министерот Зоран Минчев истакнувајќи дека макотрпната работа и пакетот законски измени вродиле со плод.

0

Модернизацијата, професионализацијата и дигиталната трансформација на јавната администрација, како и зајакнувањето на довербата кај граѓаните, беа во фокусот на денешното одбележување на Денот на јавната администрација, што го организираше Министерството за јавна администрација под мотото „Доверба, интегритет и резултати: темели на модерна и европска јавна администрација“ во Филхармонија.

На настанот беше истакната улогата на јавната администрација како клучен столб во процесот на европска интеграција и во обезбедувањето квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-заедницата, при што акцент беше ставен на реформите, дигитализацијата и градењето професионален и ефикасен систем.






Министерот за јавна администрација Горан Минчев во обраќањето нагласи дека денот е посветен пред сè на административните службеници и нивната улога во функционирањето на државата.

–  Го одбележуваме Денот на јавната администрација под мотото „Доверба, интегритет и резултати“. Три вредности кои не се само тема на денешниот настан, туку суштина на реформите што ги спроведуваме и визијата што ја имаме за иднината на нашата држава. Но пред сè, ова е ден кога ѝ даваме признание на луѓето кои секојдневно, посветено и одговорно обезбедуваат државата да функционира – рече Минчев.

Тој посочи дека реформите веќе даваат резултати и дека јавната администрација се развива во правец на модерност и ефикасност.

– Денес, една година подоцна, повторно сме заедно. Но денес не зборуваме само за визија. Денес можеме да зборуваме и за резултати. И можеби најважно од сè, денес сè појасно ја потврдуваме нашата определба дека реформата на јавната администрација не е само реформска обврска на нашиот пат кон Европската Унија, туку инвестиција во институциите, во луѓето и во иднината на Р. Македонија. Од јавна администрација, која со години се соочуваше со предизвици, недоволна мотивација и наталожени проблеми, полека, но сигурно, градиме модерна, ефикасна и стручна јавна администрација – истакна Минчев.

Министерот се осврна и на законските реформи и на воспоставувањето системи за професионален развој, нагласувајќи дека клучен фокус се човечките ресурси и континуираното усовршување.

– Во тој контекст беше заокружен најзначајниот пакет на законски реформи во областа на управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор во последните години. Со донесувањето на Законот за административни службеници, Законот за вработување во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, создадовме цврста основа за професионална администрација, заснована на компетенции, знаење и заслуги. Истовремено, свесни сме дека современата администрација не се гради само преку прописи, туку пред сè преку луѓето, затоа започнавме процес на воспоставување на Академијата за јавна администрација – нагласи Минчев.

Тој додаде дека паралелно се работи и на дигитализација, унапредување на обуките и создавање култура на квалитет, што треба да резултира со поефикасни услуги и зголемена доверба на граѓаните во институциите.

Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање порача дека Владата останува цврсто посветена на модернизација и реформи, нагласувајќи ја улогата на администрацијата како столб на државата и потребата таа да стане сервис на граѓаните. Тој укажа и на потребата од надминување на долгогодишните системски слабости и изградба на ефикасни и достапни институции. Притоа посочи дека реформите во јавната администрација се неопходни за економски развој и зајакнување на довербата, нагласувајќи дека тие не зависат само од законите, туку и од луѓето и нивната посветеност.

– Реформите во јавната администрација не се прашање на политички избор. Тие се прашање на неопходност. Не можеме да зборуваме за модерна економија ако имаме застарени административни процедури. Не можеме да зборуваме за конкурентна држава ако инвеститорите се соочуваат со административни бариери. Не можеме да зборуваме за доверба во институциите ако граѓаните чувствуваат дека системот не ги следи нивните потреби. Затоа Владата останува цврсто посветена на процесот на модернизација на јавната администрација, на дигитализација на услугите, на намалување на бирократските процедури и на создавање институции кои ќе бидат поблиску до граѓаните отколку кога било досега – порача Мицкоски.

Шефот за соработка во Делегацијата на Европската унија, Штефан Худолин, истакна дека реформата на јавната администрација е долгорочен и континуиран процес, кој никогаш не завршува и кој е неопходен за ефикасно функционирање на институциите.

Тој нагласи дека Северна Македонија останува умерено подготвена во реформите, со одреден напредок особено во дигитализацијата, но со потреба од подлабоки структурни промени и имплементација на законите.

Худолин подвлече дека клучно е фокусот да биде ставен на квалитетот на услугите за граѓаните, а не само на формалните реформи, додавајќи дека Европската унија ќе продолжи да ја поддржува земјата преку експертиза, програми и финансиска помош.

– Во нашиот последен извештај наведовме дека Северна Македонија останува умерено подготвена во реформата на јавната администрација, при што гледаме одреден напредок, особено на дигитален план. Сепак, целокупните реформи во јавната служба и регулативата сè уште остануваат фрагментирани. Овие препораки бараат подлабоки реформи и дополнителни напори, не само донесување закони, туку пред сè нивна имплементација. Суштината е што добиваат граѓаните – ефикасни услуги. Ќе продолжиме да бидеме партнер, бидејќи ова е долг процес кој не се гради преку ноќ и кој никогаш не завршува – истакна Худолин.

На настанот беа доделени и признанија за управување со квалитет во јавниот сектор, при што првото место го освои Министерството за дигитална трансформација, како институција со највисоко рангирање според Индексот на квалитет за 2025 година, второто место ѝ припадна на Агенцијата за храна и ветеринарство, додека, третото место го доби Институтот за акредитација.

Поврзани содржини