Од евтина работна сила до прескапи станови, кој навистина ја контролира македонската економија?

Кога една економија се натпреварува главно преку ниска цена на труд, таа истовремено го ограничува сопствениот потенцијал за раст.

0

Ако Македонија се позиционира како економија на евтина работна сила, а граѓаните сѐ потешко можат да си дозволат сопствен дом, тогаш логично се наметнува едно прашање: кој всушност го создава богатство во оваа земја, и уште поважно, кој го акумулира?

Ниската цена на трудот како адут 

Во последната деценија, економскиот модел на Македонија е релативно јасен. Привлекување странски инвестиции, развој на услужни дејности, отворање работни места со конкурентни, односно ниски трошоци за труд. Овој пристап донесе одредена стабилност и раст. Но, зад таа стабилност се крие структурен лимит.

Кога една економија се натпреварува главно преку ниска цена на труд, таа истовремено го ограничува сопствениот потенцијал за раст. Вредноста што се создава е ограничена, а зависноста од надворешни фактори расте. Во таков систем, државата станува дел од глобалниот синџир, но не како центар на одлучување, туку како извршител.

Ова е првиот слој.

Вториот слој е многу потивок, но многу повидлив во секојдневието, особено во Скопје, во Центар. Пазарот на недвижности бележи континуиран раст. Се градат нови објекти, цените растат, побарувачката не опаѓа. Но, овие трендови не кореспондираат со реалната куповна моќ на граѓаните.

Акумулација на богатството во бетон 

Просечната плата и натаму останува ограничена, додека цените на становите се движат во правец кој сѐ повеќе ја оттурнува сопственоста од дофат на средната класа. Ова отвора суштинско прашање, ако домашните приходи не го поддржуваат овој раст, кој тогаш го движи пазарот?

Дел од одговорот лежи во дијаспората, дел во странски капитал, дел во традиционалната перцепција дека недвижностите се најсигурна инвестиција. Но, во мали економии како македонската, недвижностите често стануваат нешто повеќе од тоа, можеби како инструмент за чување вредност, а понекогаш и канал низ кој капиталот се движи без целосна транспарентност, односно, каналот низ кој се легализираат средствата.

Тука се создава јаз помеѓу реалната економија и економијата на средства. Едната функционира со ниски плати и ограничен раст, другата со растечки цени и акумулација на вредност.

Акумулацијата на богатството во бетон ја осиромашува економијата на долг рок, бидејќи тие средства не циркулираат во производството.

И тука доаѓаме до третиот, најчувствителен слој. Кој навистина ја контролира македонската економија?

Во таков контекст, сопственоста ретко е едноставна или транспарентна. Таа се организира преку мрежи, компании поврзани меѓу себе, интереси кои се преклопуваат низ различни сектори, капитал кој се движи преку повеќе канали.

Економија како затворен круг 

Во мала економија, ова води кон концентрација на економска моќ. Истите структури се појавуваат во повеќе индустрии, градежништво, трговија, енергетика, услуги. Ова не е нужно нелегално, но станува проблем кога конкуренцијата е ограничена, а пристапот до пазарот не е еднаков за сите.

Тогаш економијата престанува да биде целосно отворен систем и почнува да функционира како затворен круг. А во такви услови, прашањето не е колку расте економијата, туку кој има корист од тој раст.

Дали Македонија создава вредност што останува дома, или вредност што се извлекува? Дали растот е широко распределен или концентриран? И дали економскиот модел што денес носи стабилност, утре ќе создаде зависност?

Одговорите на овие прашања не се баш едноставни, но една теза е јасна! Економијата може да изгледа стабилна на површина, додека под неа се формираат структури кои ја дефинираат нејзината иднина. И токму затоа, вистинското прашање не е само како функционира македонската економија туку кој навистина ја контролира.

Авторот е генерален директор на Институт за стратегиски и безбедносни студии – Скопје

 

 

 

Поврзани содржини