ОЧЕКУВАМЕ ДА ПОЕВТИНАТ ЛЕБОТ, БРАШНОТО, МЛЕКОТО, ЗЕЈТИНОТ… Власта чека ефекти од субвенционираната струја за прехранбената индустрија

Очекуваме основните прехранбени производи да поевтинат околу 10 отсто, што ќе донесе помали трошоци за семејствата – изјави пратеничката Тасевска од СДСМ.

259

Со обезбедување на фиксна и далеку поевтина струја за компаниите кои произведуваат основни прехранбени продукти, очекуваме намалување на цените на лебот, брашното, млекото, маслото за јадење и месото за околу 10 отсто, што ќе донесе помали трошоци за семејствата – изјави денеска на прес конференција Лидија Тасевска, пратеничка од СДСМ.

– Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза е усвоен во Собранието, со што се создадоа сите предуслови за финансиска помош во следните четири месеци за близу 200.000 граѓани. Следните четири месеци финансиска помош од државата ќе добиваат лица кои користат право на попреченост, родители на лица со попреченост кои користат право на посебен додаток, самохраните родители кои примаат гарантирана минимална помош, како и стечајните работници. Финансиска помош е обезбедена и за над 91.600 пензионери кои добиваат пензија до 11.525 денари, како и за над 66.000 пензионери кои добиваат пензија од 11.525 до 14.000 денари. Сето ова е дел од мерките и решенијата што СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство ги презема за полесно надминување на последиците од светската економска криза – рече Тасевска.

Поврзани содржини