ОБВИНЕТ ЗА УБИСТВО НА РОДИТЕЛИТЕ, НИК РЕЈНЕР СИ ГО БАРА НАСЛЕДСТВОТО Поднаслов: Синот на холивудскиот режисер од затвор бара пристап до семејниот фонд

Обвинетиот син на Роб и Мишел Рајнер бара пристап до семејниот фонд од околу 1,6 милиони долари, на што се противат неговите брат и сестра. Ник Рајнер тврди дека дел од парите му припаднале уште пред смртта на родителите.

0

Ник Рајнер, синот на холивудскиот режисер и актер Роб Рејнер, од затвор води уште една правна битка – овојпат за пристап до семејниот фонд во кој има околу 1,6 милиони долари.

Рајнер, кој има 33 години, е обвинет за убиството на своите родители Роб и Мишел Рајнер во декември минатата година и се наоѓа во притвор додека го очекува продолжението на судскиот процес. Неговите адвокати сега тврдат дека тој нема пристап дури ни до неколку долари од фондот за основни потреби во затворот, ниту може слободно да ги користи средствата за ангажирање приватна одбрана.






Фондот „Nick Reiner Children’s Trust“ бил основан од неговите родители во 1993 година, а според адвокатите на Ник, тој требало да добие најмалку 558.000 долари уште на 14 септември 2023 година, кога наполнил 30 години. Тоа било повеќе од две години пред смртта на неговите родители и пред тој да биде обвинет за што било. Токму поради тоа неговата одбрана тврди дека овој дел од парите не би требало да биде опфатен со ограничувањата што се однесуваат на наследството.

Од друга страна, управителите на фондот се повикуваат на калифорнискиот таканаречен „Slayer Statute“ – законска одредба според која лице кое намерно и незаконски ќе го убие човекот од кого треба да наследи имот не може финансиски да има корист од неговата смрт. Адвокатите на Ник, сепак, тврдат дека правилото не може да се применува на средствата што му припаднале уште пред смртта на родителите.

Во спорот се вмешани и неговите брат и сестра, Џејк и Роми. Според досегашните информации, тие не сакаат семејното наследство да биде искористено за финансирање на неговата одбрана. Нивниот став е особено значаен бидејќи, според условите на фондот, тие би можеле да имаат право на средствата доколку Ник не може да ги наследи. Џејк неодамна јавно зборуваше за смртта на родителите, опишувајќи го периодот по нивното убиство и апсењето на брат му како кошмар.

Адвокатите на Ник тврдат и дека од истиот фонд веќе се плаќаат значителни правни трошоци во спорот околу парите. Според нивните поднесоци, трошоците надминале 250.000 долари, што ја прави ситуацијата уште покомплицирана: тие велат дека Ник фактички плаќа за правната битка со која му се ограничува пристапот до неговиот сопствен фонд.

Ник во моментов го застапува јавен бранител, откако неговиот претходен приватен адвокат Алан Џексон се повлече од случајот. Неговата одбрана сака повторно да го ангажира Џексон доколку успее да добие пристап до средствата. Следното рочиште поврзано со фондот е закажано за 23 октомври, а исходот од овој спор би можел да влијае и врз тоа како ќе биде финансирана неговата одбрана во кривичниот процес.

Поврзани содржини