НЕЗАКОНСКИ Е УЛИЦА ДА СЕ ВИКА „КОНГРЕСИ И МАНАСТИРИТ“ Сојузот на борците ги даде на Уставен суд имињата на тетовските улици
Од Сојузот на борците очекуваат Судот да ја укине одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 година како неуставна и незаконита, меѓудругото, и затоа што Владата не дала согласност за усвоените имиња, кои и покрај тоа локалната самоуправа ги применува.
Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово денеска до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и на законитоста на одлуката на Советот на Општина Тетово од април 2007 година, со која се променија имињата на повеќе улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот.
Од Сојузот образложуваат дека одлуката е спротивна на членовите 7, 8 и 51 од Уставот на Македонија. Одлуката е спротивна и на членовите 5, 6, 7 и 8 од Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и на член 6 став 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик.
„Очекуваме Уставниот суд одлуката да ја укине како неуставна и незаконита. Спорноста на одлуката произлегува од нејзината едностраност, односно истата е донесена без исполнување на законскиот услов – претходна согласност од Владата на Република Македонија. Спорната одлука и покрај тоа, се применува од страна на Општина Тетово и од нејзините јавни претпријатија, иако државните органи не ја применуваат. Поради ова произлегува и потребата од постапка за нејзино укинување“, соопшти Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово.
Оттаму посочуваат дека со опорената одлука за одредени улици се утврдени имиња со употреба на странски јазик, а на кирилско писмо.
„Уставот и Законот налагаат имињата на улиците да бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Оттаму, незаконски е улица да се вика „Конгреси и Манастирит“, или „Дешморет е комбит“, бидејќи истите се напишани на албански јазик, но на кирилско писмо. Правото на граѓаните кои се од малцинска заедница, која е застапена со над 20% од населението, да биде испишано името на улицата и на нивниот јазик е сосема друг тип на јазично право. Законот е јасен и налага соодветна употреба на македонскиот јазик“, се вели во соопштението на Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово.
По најавата на Општина Тетово за именување на нови улици, Општинската организација на Сојуз на борците од народноослободителната и антифашистичката војна и граѓаните продолжувачи од Тетово испрати отворено писмо до тетовскиот градоначалник во кое бара да нема преименување на градските улици кои носат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народности.