НЕМА ВРАЌАЊЕ НАЗАД, ТВРДИ ТАРАВАРИ На локалните ќе настапат самостојно, но се отвора простор за соработка
„За сè друго, сме подготвени и отворени да разговараме со сите во однос на локалните избори“, изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања.
Министерот за здравство Арбен Таравари, кој ја предводи една од фракциите на Алијанса за Албанците, денеска изјави дека партијата донела цврста одлука – на локалните избори ќе настапат со сопствени советнички листи, без коалиции. Според него, оваа одлука е конечна и нема враќање назад.
– Имаме сигурна одлука дека одиме со посебни советнички листи и тоа е одлука на партијата. Од тоа нема враќање назад. За сè друго, сме подготвени и отворени да разговараме со сите во однос на локалните избори – изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој додаде дека има редовна комуникација со премиерот и дека наскоро ќе се сретнат по неговото враќање од службен пат.
– Штом ќе се врати премиерот од пат, ќе се видиме и ќе разговараме. Инаку, имаме редовна комуникација. Тоа што го кажал господинот Николоски, сите ги слушам, но ние сме автономна партија, одлучуваме самостојно – нагласи министерот.
Од друга страна, потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, во интервју за емисијата „360 степени“ изрази скепса дека Таравари би влегол во коалиција со опозициската ДУИ.
– Не очекувам Таравари да преземе чекор со кој би коалицирал со ДУИ, бидејќи тоа за него би значело политичко самоубиство. Тој е многу политички искусен. Јас можеби сум го критикувал најмногу од сите, но ако тоа го тргнеме настрана, факт е дека не мислам дека е толку наивен да направи таков потег – изјави Николоски.
Тој додаде дека би бил исклучително изненаден ако Таравари направи чекор кој, според него, би значел политичка наивност и целосно нарушување на неговата досегашна политичка позиција.