НЕМА ПОВЕЌЕ ЧЕКАЊЕ ЗА ЖРТВИТЕ, СЕ РЕАГИРА ПО ИТНА ПОСТАПКА Петкратно зголемена ефикасноста во борбата против семејното насилство

МВР соопшти дека во периодот од 2022 до 2026 година во Скопје биле пријавени 1.275 случаи на семејно насилство, а бројот на брзо процесуирани случаи е зголемен повеќе од петпати.

0

Бројот на случаи на семејно насилство кои биле процесуирани по брза постапка и за кои биле изречени мерки на претпазливост е зголемен повеќе од петпати во споредба со 2022 година, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, каде се запозна со работата на службениците, предизвиците со кои се соочуваат и резултатите од нивното постапување.






Според податоците на МВР, во периодот од 2022 до 2026 година во Скопје биле евидентирани вкупно 1.275 пријавени настани на семејно насилство.

Најмногу пријави биле регистрирани во 2022 година – 326 случаи, потоа 216 случаи во 2023 година, по 273 случаи во 2024 и 2025 година, додека во 2026 година, заклучно со денес, се евидентирани 187 случаи.

Податоците покажуваат дека институционалната реакција е засилена во изминатите години. Во 2022 година по брза постапка биле процесуирани 10 случаи, при што биле изречени четири мерки на претпазливост.

Следната година биле процесуирани 18 случаи и изречени седум мерки, во 2024 година биле обработени 25 случаи со 11 мерки, а во 2025 година – 34 случаи со 15 мерки на претпазливост.

Во 2026 година, заклучно со денес, бројките се значително повисоки – по брза постапка биле процесуирани 52 случаи, а биле изречени 23 мерки на претпазливост.

Од МВР оценуваат дека зголемената ефикасност покажува побрза и поорганизирана реакција на институциите во заштитата на жртвите и санкционирањето на сторителите.

Тошковски посочи дека семејното насилство се третира со највисок степен на сериозност и дека приоритет останува навремената заштита на секоја жртва.

– Приоритет останува обезбедувањето навремена заштита за секоја жртва, како и брза и решителна реакција кон сторителите – истакна министерот.

Поврзани содржини